Гувернерот на Европската централна банка, Кристин Лагард, рече дека вреди да се истражи стратегијата што ќе овозможи инфлацијата привремено да се искачи над сегашната цел.
„Политика во која централните банки се посветени на неутрализирање на периодите со ниска инфлација со повисоки цени „може да се смета“ како дел од стратешкиот преглед на институцијата“, рече Лагард на конференцијата во Франкфурт.
Претходно оваа година, Федералните резерви на САД ја презедоа истата стратегија, поставувајќи цел за просечна стапка на инфлација од 2%, што сугерира дека монетарната политика во најголемата светска економија ќе остане непроменета уште некое време.
„Ако е веродостојна, таквата стратегија може да ја зајакне способноста на монетарната политика и да ја стабилизира економијата“, рече таа, додавајќи: „Ова е затоа што ветувањето за неинтервенција во зголемувањето на инфлацијата ги зголемува очекувањата за инфлација и затоа ги намалува реалните каматни стапки“.
Централната банка со седиште во Франкфурт го започна својот прв сеопфатен стратешки преглед во скоро две децении кон крајот на минатата година, пред да биде одложен од пандемијата на коронавирусот. Прегледот опфаќа широк спектар на теми, вклучително и целта на инфлацијата, која во моментов е формулирана како „пониска, но близу до 2%“, како и климатските промени и дигитализацијата.
Гувернерот на Бундесбанк, Јенс Вајдман, говорејќи на истиот настан, повика на поголемо внимание при правењето измени во стратегијата на ЕЦБ. Тој ги повтори своите предупредувања дека купувањето големи обврзници може да ја замагли границата помеѓу монетарната и фискалната политика.
„Колку повеќе го толкуваме нашиот мандат, толку е поголем ризикот да се заплеткаме во политиката и да се преоптоваруваме со премногу задачи“, рече тој, додавајќи, „Како резултат, нашата независност може да биде доведена во прашање, и со право“.
Гувернерот на Централната банка на Франција, Франсоа Вилерој де Гало, веќе сигнализираше дека се согласува со стратегијата за дозволување на инфлацијата да се искачи над целта на ЕЦБ.
Иако ЕЦБ долго време се бореше да ја постигне својата цел, рекордната рецесија предизвикана од коронавирусот го комплицираше предизвикот. Германија, најголемата економија во Европа, во вторникот објави најголем пад на потрошувачките цени во повеќе од пет години.
Лагард предвидува дека цените во еврозоната ќе паднат во наредните месеци, но рече дека очекува повторно да растат на почетокот на 2021-ва година. Ова можеби не е доволно за некои централни банкари, кои веќе коментираат за потребата од повеќе активности.
Фабио Панета, член на Извршниот одбор на ЕЦБ, рече дека „ризиците од прекумерна реакција на политиката се многу помали од ризиците од премногу бавна или ограничена политика“, а гувернерот на Централната банка на Шпанија Пабло Хернандез де Кос рече дека притисокот на слабите цени покажува дека „нема простор за задоволство“.
Гувернерот на Централната банка на Естонија, Мадис Милер, во средата рече дека економското закрепнување ќе се забави.
Економистите очекуваат ЕЦБ да ја прошири својата програма за купување пандемски обврзници од 1,35 трилиони евра подоцна оваа година. Според нив, тоа најверојатно ќе се случи во декември кога ќе бидат презентирани новите предвидувања на институцијата.
Најновите прогнози на централната банка покажуваат дека инфлацијата во просек ќе достигне само 1,3% во 2022-ра година, далеку под целта на институцијата. Апрецијацијата на еврото оваа година влијае на цените на увозот и го отежнува остварувањето на оваа цел.