четврток, 19 мај 2022
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиндикатот го возвраќа ударот, бараат работодавачите да кажат зошто се против 12...

Синдикатот го возвраќа ударот, бараат работодавачите да кажат зошто се против 12 месечно породилно и слободен викенд за работниците!

По објавата на Денар дека работодавачите се против породилното отсуство да трае 12 месеци и не се согласуваат сабота и недела да бидат неработни денови не само во јавниот сектор туку и во стопанството, тоа ги разлути синдикалците. Синдикатот сега бара од работодавачите да ја кажат причината зошто не се согласуваат работниците да имаат подобри права, и покрај тоа што работниците го создаваат капиталот во компаниите.

Неколку дена по ставот на Организацијата на работодавачи дека 12 месечното породилно отсуство не е реално барање на синдикатот, и сабота и недела според Бизнис Конфедерацијата на Македонија е проблематично да бидат неработни денови во приватниот сектор, се огласија повторно од Сојузот на Синдикати на Македонија. Претседателот на ССМ Дарко Димовски за Денар вели дека ги чека работодавачите детално да му ги објаснат причините со кои не може да се реализираат во пракса според него овие подобрувања на правата на работникот. Барањата кои минатата недела синдикалците ги претставија на владиниот тим, предводен од премиерот Зоран Заев тврдат дека се реални и издржани. Ги повикуваат сега работодавачите да седнат на заедничка маса со нив и да ги спротистават аргументите, проблемите и решенијата и на тој начин велат од ССМ ќе се види кој е во право.

„Работодавачите наместо панично да даваат изјави за аргументираните и издржани барања на работниците, треба да исплаќаат плата и додатоци на плата, да овозможат користење на годишен одмор, да исплатат регрес за годишен одмор, прекувремена работа и сл. Согласно Закон и Колективен договор, да престанат да ја крадат финансиската поддршка исплатена од Државата и да почнат да ги почитуваат Законите! Ги чекаме да ги дадат аргументите, да ги образложат проблемите во праксата и да предложат  решенијата зошто не сакаат да ги овозможат правата на работниците кои со својот труд им го создаваат капиталот“, вели за Денар Дарко Димовски претседател на ССМ.

Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи за Денар изјави дека најавите за предвремена пензија на 57 односно на 59 години очигледно различно ја толкуваат  ССМ и Владата. Димитров вели дека организацијата на работодавачи ги подржуваат најавените реформи на властите и додаваат дека во приватниот сектор тоа може да се случи само со зедничка волја и на работникот и на работодавачот. Според Димитров, проблем со неработни сабота и недела не гледам затоа што и по постојниот закон тие се неработни. Проблемот е во непочитување на законот, а не станува збор за лош закон. Барањето на ССМ за 12 месечно породилно боледување е максималистичко барање и не е реално, заклучува Димитров.

„Реакцијата на ССМ само го потврдува мојот став дека проблемот не се „лошите“ закони туку нивната примена. Работничките права во Законот за работни односи се добро дефинирани. И казните се високи, но многу работодавачи не ги почитуваат овие одредби. Затоа сметам дека реакцијата на ССМ треба да биде кон државниот инспекторат“, вели за Денар Ангел Димитров од ОРМ.

Што се однесува до БКМ барањата на синдикатот за неработни сабота и недела во текот на неделата е дискутабилно прашање. Миле Бошков претседател на ова бизнис здружение вели дека неработен ден може да биде било кој ден од седмицата, и тоа не мора да значи дека треба да биде сабота и недела, може да биде и среда и четврток, се зависи од договорот помеѓу работникот и работодавачот. Бизнис Конфедерацијата на Македонија е загрижена по ваквите барања на ССМ бидејќи  директно ги испорача до владата. Од Бизнис Конфедерацијата на Македонија пак, велат дека даваат поддршка на барањето на ССМ за директна парична помош на работниците и компаниите во најзагрозените и најпогодените сектори, преку конкретни мерки.

„Ние во Бизнис Конфедерација на Македонија први реагиравме против работодавачите кои ја злоупотребија  помошта од Владата, од реакцијата на ССМ се потврдува дека одредени работодавачи ја “оцрнуваат” сликата за сите  работодавачи во земјата иако и синдикатите знаат дека има голем број  на компании кои  потпишале колективни  договори и ги  почитуваат правата  на вработените“, Додава Бошков.

Освен продолжено труднично отсуство од работа во траење од 12 месеци и загарантирани слободни денови за работниците да бидат сабота и недела, од ССМ до владата испратија и барања за :

-Договорите за вработување на определено време да не бидат подолги од една година и во една компанија да може само 20% од вработените да се со Договор на определено време.

– Синдикалците предлагаат со 35 години работен стаж за жена – без оглед на годините на возраст и 40 години работен стаж за маж  без оглед на годините на возраст да одат во пензија.

– Воведување право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала по условот возраст од 57 години за жени, 59 години за мажи, со минимум работен стаж од 15 години.

– Да се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување (докуп на стаж) доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж, до 5 години пред исполнување на условот за пензионирање.

– Воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците.

Од владата рекоа дека ќе се залагаат што побрзо да ги разработат овие предлози и дека конечна одлука за нив ќе донесат во брзо време. Секако потенцираа дека има добар дел од предлозите за кои веднаш се согласиле со синдикатот, но има и идеи кои не се баш изводливи.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП