27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботодавачите се против предлогот на синдикатот за 12 месечно породилно и слободен...

Работодавачите се против предлогот на синдикатот за 12 месечно породилно и слободен викенд за работниците!

По средбата помеѓу синдикатот и владиниот економски тим на чело со премиерот Зоран Заев работодавачите со реакции за барањата на ССМ. Од Организацијата на работодавачи за поголем дел од барањата на синдикатот велат дека се реални но не се согласуваат со 12 месечно породилно боледување. Од Бизнис Конфедерацијата на Македонија пак за Денар велат дека внимателно треба да се донесат новите правила за пензионирање се со цел да не се оптовари дополнително ПИОМ. Од БКМ се загрижени што Сојузот на синдикати барањата ги испратил до Владата на средба на која не биле поканети работодавачите.

Предвремената пензија на 57 односно на 59 години очигледно различно ја толкуваат  ССМ и Владата, вели за Денар Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи. Тој вели дека ставот на организацијата е дека ако работникот сам си го доплати стажот треба да му се овозможи предвремено пензионирање иако во некои сектори ќе доведе до недостиг на работници. Ставот на владата за задолжително пензионирање со 62 односно 64 години во јавниот сектор Организацијата на работодавачи го подржува и додаваат дека во приватниот сектор тоа може да се случи само со зедничка волја и на работникот и на работодавачот.

„Проблем со неработни сабота и недела не гледам затоа што и по постојниот закон тие се неработни. Проблемот е во непочитување на законот, а не станува збор за лош закон. Одредбите на новиот Закон за работни односи се речиси усогласени и наскоро може да го донесеме. Барањето на ССМ за 12 месечно породилно боледување е максималистичко барање и не е реално“, вели Ангел Димитров.

Од Бизнис Конфедерацијата на Македонија пак, велат дека даваат поддршка на барањето на ССМ за директна парична помош на работниците и компаниите во најзагрозените и најпогодените сектори, преку конкретни мерки. Што се однесува пак за барањето на ССМ за измена и дополнување на Законот за работни односи сметаат дека простор за договор со синдикатите постои. Миле Бошков претседателот на Бизнис Конфедерацијата смета дека договорите за вработување на определено време односно привремено вработување треба да се прифатат како процедура за времени производствени, услужни или трговски дејствија кои можат да се спроведуваат и повеќе од една година, на пример во градежната индустрија , знаејки дека во земјава патиштата се градат и по шест и повеќе години, а роковите се многу помали, објаснува Бошков. Што се однесува до барањата за промени за остварување на право за пензија, Бошков вели дека идеите и предлозите се интересни и прифатливи, особено поради фактот на стареењето на работната сила и губењето на млади кадри во економијата. Секако, потенцира дека товарот на обрзниците по основ на социјални придонеси може директно да влијае на пензискиот и здравствениот фонд, и логично би било да се очекува потреба од повеќе средства за социјалните трансфери.

„Што се однесува до процентот на вработени да бидат само 20% од вработените, мора да објасниме дека во некои дејности провременото, сезонско вработување е единствениот начин за ангажман. На пример: берба, хигено технички дејности или активности како и  земјоделски активности. За 12 месечно породилно отсуство, сметаме дека има социјана, хумана и демографска димензија и го подржуваме барањето. Сабота и Недела да бидат неработни денови, т.е. да бидат денови за неделен одмор, за нас е дискутабилно ова прашање!!! Поради економската состојба пред се, но исто така и од можноста за дополнителни отпуштања( особено со намалување на работните денови). Во ЗРО неработен ден може да биде било кој ден од седмицата, тоа не значи дека мора да биде сабота и недела, може да биде и среда и четврток, се зависи од договорот помеѓу работникот и работодавачот. Ние во БКМ сме загрижени, ССМ барањата директно ги испорача до владата на РСМ, очигледно дека работодовачите во рамки на Економско Социјалниот Совет немаат можност и капацитет да одговорат и дискутираат на барањата на ССМ“, вели Миле Бошков.

Инаку, пред неколку дена во синдикалната зграда во центарот на Скопје претседателот на ССМ Дарко Димовски придружуван од претседателите на гранковите синдикати им испорачаа серија барања на новата влада. Премиерот Зоран Заев кој во ССМ пристигна со економските ресорни министри порача дека Владата ќе продолжи да ги негува принципите на праведност, партнерство и инклузивност, вложувајќи во работниците кои, како што рече премиерот, се движечка сила на економијата, и најави нови мерки во областа на социјалната сигурност.

Синдикалците од владата побараа Договорите за вработување на определено време да не бидат подолги од една година и во една компанија да може само 20% од вработените да се со Договор на определено време. Потоа, директна парична помош на работниците и компаниите во најзагрозените и најпогодените сектори, преку конкретни мерки базирани од терен за надминување на предизвиците со кои ние работниците се соочуваме во овој период на пандемија од Ковид 19. Дополнително, 12 месечно породилно отсуство, Сабота и Недела да бидат неработни денови, т.е. да бидат денови за неделен одмор. Во однос на пензионирањето, синдикалците предлагаат со 35 години работен стаж за жена – без оглед на годините на возраст и 40 години работен стаж за маж  без оглед на годините на возраст да одат во пензија. Синдикатот бара да се воведе право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала по условот возраст од 57 години за жени, 59 години за мажи, со минимум работен стаж од 15 години.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП