22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Fitch“ го ублажи падот на глобалната економија

„Fitch“ го ублажи падот на глобалната економија

„Fitch Rating“ ја релаксираше прогнозата за пад на глобалниот бруто домашен производ за 2020-та година на 4,4 проценти во споредба со првично предвидениот пад од 4,6 проценти, како што беше предвидено во нивниот извештај во јуни „Global Economic Perspectives“.

„Закрепнувањето на економската активност, по невидено длабоката рецесија предизвикана од коронавирусот во март и април, беше побрзо отколку што се очекуваше, но очекуваме стапката на раст да стане умерена“, стои во извештајот објавен на официјалната веб-страница на „Fitch Ratings“.

„Кинескиот БДП веќе се врати на нивото пред појавата на вирусот, а продажбата на мало во САД, Франција и Велика Британија сега го надминува нивото од февруари. Сепак, се сомневаме дека ова ќе се претвори во посакуваното закрепнување во форма на буквата „V““, стои во изјавата на Брајан Култон, главниот економист во „Fitch“.

Тој посочува дека Европа се соочува со удар на невработеност затоа што компаниите ги намалуваат капиталните расходи и дека мерките за социјално дистанцирање продолжуваат директно да ја ограничуваат потрошувачката во приватниот сектор.

„Fitch“ предвидува во новиот извештај дека американскиот БДП годинава ќе падне за 4,6 проценти, а не 5,6 проценти колку што проценуваше во јуни, а во Кина се очекува економски раст од 2,7 проценти наместо претходно предвидената експанзија од 1,2 проценти. Агенцијата, од друга страна, ја зголеми прогнозата за економскиот пад на еврозоната за оваа година на 9 проценти од претходните 8, како и проценката за падот на Велика Британија на минус 11,5 од минус 9 проценти.

На пазарите во развој, со исклучок на Кина, „Fitch“ сега предвидува пад од 5,7 проценти, наместо 4,7 проценти што ги проектираше во јуни. Ова првенствено се должи на огромната промена во проекцијата за Индија за тековната фискална година, која завршува во март 2021-ва година, на минус 10,5 проценти од претходната минус 5 проценти.

Што се однесува до глобалниот раст во 2021-ва и 2022-ра година, „Fitch“ предвидува зголемување на светскиот БДП од 5,2, односно 3,6 проценти. За еврозоната предвидува раст од 5,5 проценти следната година и 3,2 проценти во 2022-ра година, додека во САД гледаат раст во следните две години на ниво од 4 и 3 проценти.

Во „Fitch Ratings“ се најоптимисти кога станува збор за растот на Кина, кој во следните две години, според проценките на агенцијата, ќе забележи економска експанзија со стапки од 7,7, односно 5,5 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП