27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАBank of England подготвува повеќе стимулации бидејќи Велика Британија се соочува со...

Bank of England подготвува повеќе стимулации бидејќи Велика Британија се соочува со тројна закана

Bank of England (BoE) потврди дека има доволно „огнена“ моќ да ја искористи за да обезбеди повеќе стимулации кога Британија влегува во последните хаотични месеци од 2020-та година.

На сослушувањето пред пратениците во средата, заменик гувернерот Дејв Рамзден рече дека „BoE“ има капацитет да ги зголеми темпото и големината на програмата за купување обврзници доколку е потребно. Гувернерот Ендру Бејли минатата недела исто така рече дека централната банка има доволно простор да додаде парични стимулации, дури и негативни каматни стапки, потсетува „Bloomberg“.

Така, централните банкари се подготвуваат за тројна опасност која е пред нив, која се состои од вториот бран на коронавирусот, скокот на невработеност и хаотичниот „Брегзит“.

Бејли го истакна овој став во средата, порачувајќи им на пратениците дека неизвесноста во прогнозата на „BoE“ е веќе најголема досега и дека вработените исто така ќе се фокусираат на изгледите за трговија при составувањето на нивната нова прогноза во ноември.

Велика Британија веќе ја доживеа најсилната контракција меѓу најголемите економии во вториот квартал. Сега се стравува дека новите блокади или неуспехот да се постигне договор со Европската унија до крајот на оваа година може да го нарушат закрепнувањето што се постепено се враќа.

Економистите, пак, предупредуваат дека ставањето крај на владината поддршка за работните места следниот месец може да остави милиони без работа.

„Имаме слобода да направиме значително поголемо квантитативно олеснување ако треба“, рече Рамзден и додаде: „Можеме да го сториме тоа брзо ако тоа го бара дисфункцијата на пазарот“.

Економистите и инвеститорите во голема мерка оваа година очекуваат поголема финансиска поддршка.

„BoE“ веќе воведе бројни стимулативни мерки по пандемијата, вклучително и намалување на референтната каматна стапка на рекордно ниско ниво од 0,1% и зголемување на целта за купување средства за 300 милијарди фунти (400 милијарди долари) на 745 милијарди фунти.

Бејли и неговите колеги направија мрачна слика за иднината, предупредувајќи дека земјата се соочува со долг пат кон закрепнување. Тој рече дека ризиците за раст остануваат надолни.

„Можеби ќе бидат потребни неколку години за економијата да се врати во полн капацитет и инфлацијата да се забрза стабилно кон нашата цел“, рече друг централен банкар, Гертијан Влиеж. „Колку подолго вирусот влијае на потрошувачката, инвестициите и моделот на вработување, толку е поголема веројатноста дека некои сектори нема да можат да се вратат на претходните нивоа“, додаде тој.

Минатиот месец, централните банкари направија помалку песимистичка проценка, велејќи дека влијанието на пандемијата е помало отколку што првично се сметаше, а скокот на чувството на потрошувачите е посилен од очекуваното.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП