23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратење на аднимистрацијата, за експертите реален потег, за синдикатот удар врз правата...

Кратење на аднимистрацијата, за експертите реален потег, за синдикатот удар врз правата на работниците!

По најавите на премиерот Зоран Заев дека ќе се крати администрацијата за 20 отсто, експертите од оваа област сметаат дека за тоа простор има, само потребно е да се разграничи каде е вишокот и на кој начин ќе треба да се изврши селекцијата, и многу важно – каде ќе завршат тие луѓе. Отпуштените административци би добиле опремнина, работа во приватен сектор, или ќе се осмислува трета опција која нема да биде проблематична ниту за државните службеници, а најмалку наметната обврска за бизнисмените од реалниот сектор. Синдикатот пак кој ги застапува вработените во јавниот сектор УПОЗ,  велат дека се затечени со оваа одлука и најавија дека со сите правни механизми ќе застанат во одбраната на правата на нивните членови и сите останати службеници на кои ќе им бидат прекршени работничките права.

Универзитетскиот професор Драган Гоцевски за Денар вели дека е запознаен со овие најави и смата дека треба да се разграничи, дали оваа се однесува на сите вработени во јавен сектор кои се околу 130 илјади, или се однесува само на  државна администрација, или лица со статус државен службеник кои се околу 16 илјади. Првенствено, вели професорот треба тука да се разграничи, бидејќи не сите професии подлежат под иста легислатива. Во однос кој модел би бил најпогоден, и да се одлучи за лицата со статус административен службеник да се намалува нивниот број, Гоцевски смета дека треба и може да се смали.

„Моја субјективна проценка е дека тој бројот не треба да биде повеќе од 12 илјади еве и плус 700-800 лица на толку вработени да има.  Модул кој би можел да биде прифатлив и би имал најблаг импакт да речеме кај вработените е заминување во пензија, односно двајца до тројца да заминат во пензија па да се вработи еден човек. Други модели кои што може да се приклучат тука е навистина да се воздржат сите органи на управата од основање на работа по пат на договор, односно на определено време за да се намали што  повеќе списокот на нови вработени доколку целта и намерата се вкупниот број на вработени да се намали. Со што и со ова темпо не би требало да трае подолго од четири до пет години. Затоа што ќе се создаде генерациски јаз во постојниот работен кадар па потоа може други проблеми да се создадат во самите институции“, вели за Денар универзитетскиот професор Драган Гоцевски.

Што се однесува до синдикатот УПОЗ кој е заштитник на правата на вработените во Управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани велат дека од Министерстото за информатичко општество и администрација добиле ветување дека намалување на бројот на административци нема да се случи. Сега јавно предупредуваат дека доколку на некој член на Синдикатот на УПОЗ му се загрозат правата од работен однос синдикалците велат дека ќе ги искористат сите дадени средства со Закон, и ги повикуваат вработените да го користат Гранскиот колективен договор каде што е утврдено правото на учество на синдикалниот претставник во процесот на спроведување на вертикална функционална анализа, изготвување на  правилниците за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и на нивните измени и дополнувања.

„Во разговорите кои Синдикатот на УПОЗ ги водеше со МИОА на тема намалување на бројот на администрацијата добивме уверувања дека во делот на државната администрацијата не се предвидува намалување на вработените, бидејќи во голем број од институциите во државната администрација има дефицит на вработени  што го покажуваат и Правилниците за систематизација на работните места. Најавеното намалување се однесува на вработените во целиот јавен сектор и јавните препријатија и ние ќе ја држиме Владата за збор дека намалувањето на бројот на вработени ќе се одвива на доброволна основа со најавените три пакети“, велат од УПОЗ.

Премиерот Заев и во своето експозе на почетокот на седницата за избор на нова влада потенцираше дека потребни се структурни реформи во јавната администрација и зголемување на нејзината ефикасност. Дополнително, Заев најави дека во следните четири години ќе се намалува и бројот на државни институции.

„Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20 проценти преку спојување на функции, надлежности на институциите, преку задолжително пензионирање на 64 години, преку пакети за трансфер во приватниот сектор или предвремено пензионирање“, изјави Зоран Заев.

Експертите сметаат дека она што е потребно да се случи е да се воведат нови реформски приоритети во документот за работата на владата и врз основа на таа нова владина програма. Потребно е да се ажурираат сите стратешки планови на сите органи на управата, преку кои ќе се разгледа како и на кој начин ќе се ревидираат постојните системации на сите органи на управата кои што се под некаков вертикален отчет пред Владата, за да може владата со свои мерки да интервенира. Инаку, сега веќе екс министерот за администрација Дамјан Манчевски пред неколку дена потенцираше дека вработените под државна капа кои со години седат дома а земаат плата или конечно ќе почнат да одат на работа и да си ја заработуваат платата или пак ќе им бидат раскинати договорите. Станува збор за околу 1000 вработени кои државна работа добија согласно Рамковниот договор и според планот на Владата тие лица во следниве шест месеци ќе започнат да одат на работа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП