27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовторно врие во ССМ

Повторно врие во ССМ

По објавената пресуда на Вишиот Управен суд од страна на поранешниот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митрески, дека  судот донел пресуда со која се уважува неговата тужба и се поништува решението на Комисијата за жалби на Република Македонија од септември 2017 година, сега Митрески тврди дека тој е старо-новиот прв човек на ССМ и дека тој треба да се врати на кормилото на оваа најголема синдикална организација уште две и пол години, колку што му останале од неговиот мандат во 2017 кога практично беше разрешен. Но актуелното раководство на ССМ смета дека Митрески е во заблуда. Во пресудата актуелниот претседател на ССМ Дарко Димовски вели дека никаде не пишува дека Живко Митрески треба да се врати како Претседател на ССМ.

Димовски на Митрески му порача дека, претседател на ССМ не се станува со желба или со пресуда на Управниот суд која никако не влијае на работењето на Сојузот на синдикатите на Македонија, туку на Конгрес со избор од страна на Делегати избрани од синдикатите здружени во ССМ.

„Манипулаторот, Митревски добро знае, со оглед на тоа што е подносител на Кривична пријава, а треба да ги информира и јавноста и лицата со него на пресот, дека со Решение КОЖ бр.28/20 од Вишото Јавно обвинителство Скопје со кое се потврдува Решението на Основното јавно обвинителство Скопје КО3 бр.583/16 од 18.12.2019 година е отфрлена Кривичната пријава поднесена од Живко Митревски од Битола, и се потврдува дека во тој период, Дарко Димовски е легитимно избран за вршител на должноста Претседател на ССМ. Согласно напатствијата во Пресудите со кои се фали, предходното прашање е правосилно завршено со отфрлање на Кривичната пријава поднесена од Митревски и согласно Закон, нема никаков основ тогаш поднесената Жалба од Митревски по Решението од Второстепената комисија, ниту пак влијание Пресудата со која истиот се фали со оглед на тоа што сите Законски пречки кои би можеле да влијаат на постапката се правосилно завршени во корист на ССМ и Дарко Димовски како Претседател.“

Екс претседателот на ССМ Живко Митрески на прес-конфесенција истакна дека судската пресуда му е практично добивање на една голема битка. И на тој начин тој ќе се врател на претседателската функција во најголемиот синдикат. Митревски вели дека сега чека Централниот регистар да ја спроведе судската одлука и да го впише Митрески за Претседател.

„Со ова се покажа дека функционира правдата во нашата држава. Очекуваме веднаш спроведување на пресудата на Вишиот управен суд од страна на Централниот регистар и од страна на Комисијата на жалби што веднаш би било впишано тоа што е предвидено во пресудата, а тоа е впишување на Живко Митрески за претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија“, вели Живко Митрески.

Денар контактираше и со останати синдикални организации. Од Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека немаат намера да се мешаат во внатрешните работи на ССМ. Претседателот на ова здружение  Благоја Ралповски смета дека недоразбирањата и проблемите треба да си ги решат во органите на синдикатот. Судската пресуда за Живко Митрески веле дека јасно укажувала дека изборите за претседател во ССМ во најмала рака биле сомнителни, односно нелигитимни. Од КСС јавно побараа да се спроведе правдата и да се почитуваат законите. Синдикалните организации да се ослободат од секакви закани и притисоци по однос на изразување на слободната волја.

„КСС веќе подолго време, година и шест месеци има доставено барање за да ја докаже својата репрезентативност но поради бојкот од ССМ на седниците за комисија на репрезентативност истата не може да се одржи. Поради овие неправилности КСС поведе судска постапка преку која ќе бара од судот да ја одреди нашата репрезентативност согласно законот. Овие случувања сами по себе кажуваат на кој начин се работи во тој синдикат со сегашното раководство и зашто социјалниот дијалог во нашата држава е формален додека економско – социјалниот совет е само дебатен клуб на кој што буквално ништо суштинско не се одлучува во полза на работникот и неговите права“, вели за Денар синдикалецот Благоја Ралповски.

Активистот пак за правата на работниците, Здравко Савески за Денар вели дека ако претходните три години во кои Живко Митревски не беше претседател на ССМ беа искористени за ССМ и целото синдикално движење да биде преродено и поставено на здрави нозе, враќањето на Митревски ќе беше исклучително лоша вест. Но, за жал, не беше така. И во претходните три години повторно владееше истото сивило, истото шурување со власта, истата борба за фотелји.

„ССМ се задоволуваше со декларативно бранење на работничките интереси преку повремени соопштенија за печат, но не ја мобилизира работничката класа и не изврши никаков реален притисок. Меѓу другото, ѝ дозволи на власта да се провлече со неисполнување на изборното ветување дека ќе донесе нов Закон за работните односи. Лоша вест е враќањето на Митревски на чело на ССМ, но уште полоша е цврстата увереност кај работниците дека може да има здрав синдикат без нивно ангажирано вклучување во синдикатите. Без да дојде промена на таа увереност кај работниците, малку важно е дали Митрески или некој друг ќе биде на чело на ССМ“, вели Савески.

Тензијата која пред три години ја имаше во ССМ по се изгледа дека повторно се враќа на сцена. Како тогаш така и сега Димовски и Митрески се во главните улоги. Со турканици, гужви и дел помали инциденти зимата 2017-та Митрески беше разрешен од функцијата, но за тоа свој глас дадоа и првите луѓе на гранковите синдикати. Следуваше турбулентен период во кој од Централниот регистар не го впишуваа новото раководство со новиот претседател Дарко Димовски, и покрај тоа што добија „амин“ и од тогашната министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски. За кратко време решението донесено од ресорното министерство беше поништено од тогаш новиот министер од редовите на ДУИ, па се случија серија инциденти кога обезбедувањето на Митрески насилно влезе во синдикалната зграда, а неколку синдикалци завршија во болница, вклучително и Димовски. Во периодот што следи, од оваа песпектива може да се заклучи дека разврската за синдикалната фотеља повторно ќе предизвика турбуленции во синдикалните кругови. Чии аргументи ќе бидат поубедливи кај надлежните институции тој ќе биде синдикалниот лидер, а каква корист од тоа ќе имаат работниците остава времето да покаже.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП