23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжува војната: САД ги задржува тарифите за европските стоки

Продолжува војната: САД ги задржува тарифите за европските стоки

Соединетите држави најавија дека ќе ги задржат казнените тарифи за увоз на стоки од Европската унија и Велика Британија во износ од 7,5 милијарди долари, кои беа воведени минатата година со одобрение на Светската трговска организација (СТО), како резултат на субвенционираните заеми, доделени на европскиот производител на авиони „Airbus“.

Акциите на „Airbus“ паднаа за 2,1 процент утрово по објавувањето на оваа вест, така што компанијата беше на врвот на листата на губитници во индексот „CAC-40“ на најликвидните акции на берзата во Париз, пренесува „Reuters“.

Администрацијата на САД објави дека ќе ги задржи тарифите од 15% за увозот на авиони и делови произведени од „Airbus“, како и тарифите од 25% на другите европски производи, и покрај потезите на ЕУ за решавање на 16-годишниот спор поврзан со субвенционирање на европскиот производител на авиони.

Од „Airbus“ соопштија дека „длабоко жалат“ за одлуката на САД да ги задржат тарифите на нивните авиони.

Британскиот јавен сервис „ВВС“ известува дека Соединетите држави рекле дека ЕУ не сторила доволно за решавање на спорот.

„ЕУ и земјите-членки не ги презедоа потребните чекори за да се усогласат со одлуките на „СТО““, рече синоќа американскиот трговски претставник Роберт Леитизер, додавајќи дека Соединетите држави се посветени на изнаоѓање долгорочно решение за спорот.

Европската унија, според „ВВС“, неволно ја прифатила одлуката на САД да не го зголеми списокот на стоки што се предмет на казнени тарифи. Тарифите се однесуваат на околу 100 европски производи, вклучувајќи виски, сирење, вино…

„Комисијата ја поздравува одлуката на САД да не го влоши тековниот спор со авионите со зголемување на тарифите за европските производи“, рече портпаролот на ЕУ.

Минатиот месец „Airbus“ објави дека во последната понуда за решавање на спорот, ќе прифати да плати поголема камата на субвенционираните заеми одобрени од Франција и Шпанија, со што се отстранува „какво било оправдување“ за примена на казнените американски даноци.

По одлуката на „Airbus“, претставници на ЕУ ги повикаа Соединетите држави да ги укинат „неоправданите“ тарифи, а многу американски компании протестираа и против тие тарифи, што ги прават европските производи поскапи за американските купувачи, додава „ВВС“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП