19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Lufthansa“ губи по 450.000 евра на час и планира драстични отпуштања

„Lufthansa“ губи по 450.000 евра на час и планира драстични отпуштања

Некогаш најголемата авиокомпанија по приходи во Европа, „Deutsche Lufthansa AG“ предупреди дека присилните отпуштања во Германија се повеќе од веројатни поради бавниот напредок на преговорите со синдикатите. Со ова предупредување, авиокомпанијата го зацврсти тонот против позадината на намалената побарувачка за летови и патувања поради коронавирусот, пренесува „Bloomberg“.

Најголемата авиокомпанија во Европа објави прилагодена оперативна загуба од 1,7 милијарди евра за вториот квартал, поради суспендираните летови во услови на пандемијата.

Иако аналитичарите очекуваа полош резултат во однос на прилагодениот „EBIT“, бизнисот настрада сериозно. „Lufthansa“ изгуби повеќе од една милијарда евра во готовина помеѓу април и јуни – скоро 450.000 евра на час, проценува „Handelsblatt“.

Бидејќи групата предвидува дека побарувачката за авионско патување ќе се врати на нивото пред кризата најрано до 2024-та година, извршниот директор Карстен Шпор претстави сеопфатна програма за реструктуирање наречена „ReNew“. Таа опфаќа намалување на 22.000 работни места со полно работно време, како и намалување на флотата на групата, во која моментно се вклучени 760 авиони, и покрај „трајното приземјување на најмалку 100 авиони“.

Мерките се насочени кон намалување на трошоците и враќање на околу 9 милијарди евра државна помош. Како и нејзините конкуренти „IAG SA“ и „Air France KLM“, германскиот превозник се соочува со бавно закрепнување бидејќи долгите летови од кои главно обезбедуваше приходи се празни заради ограничувањата за патувања низ целиот свет.

„Lufthansa“ во моментов нуди околу 40% од својот нормален капацитет за летови со кратки релации и 20% за долгите релации. Капацитетот се очекува да се зголеми на 55% и 50% соодветно во четвртиот квартал.

„Ние доживуваме ресетирање на глобалниот воздушен сообраќај“, рече извршниот директор Карстен Шпор во изјавата. „Не очекуваме побарувачката да се врати на нивото пред кризата пред 2024-та година“, предвиде тој.

Избегнувањето на технолошки вишок веќе не е реално ниту во Германија, каде компанијата се потпира главно на доброволни заминувања.

Работната сила на „Lufthansa“ веќе се намали за 8.300 лица во однос пред една година. Во тек е програма за намалување на 20% од раководните и 1.000 канцелариските места.

Сепак, предупредувањето за присилни отпуштања укажува на растечки тензии со синдикатите.

Компанијата наведува дека е очигледно дека во втората половина од годината ќе биде во загуба и дека не очекува пресврт на протокот на пари за неколку месеци од 2021-ва година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП