28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку пиво се произведува во Европската унија? (ИНФОГРАФИК)

Колку пиво се произведува во Европската унија? (ИНФОГРАФИК)

Повеќе од 34 милијарди литри пиво биле произведени во Европската унија во 2019-та година, според податоците на „Eurostat“. Доколку се подели со бројот на жители на „Стариот континент“ тоа е по 77 литри по жител на заедницата.

Европската канцеларија за статистика ги објави податоците по повод Меѓународниот ден на пивото, кој се слави во првиот петок од месец август.

Покрај овие количини, пиварите во ЕУ произведоа 1,4 милијарди литри безалкохолно пиво или пиво со содржина на алкохол помалку од 0,5% (т.н. „радлер“).

Најголем „центар“ на пивото во Европа останува Германија, каде во 2019-та година се произведени 8 милијарди литри, или 23% од вкупното производство на „Стариот континент“.

На второто и третото место се Полска и Шпанија со 3,9 милијарди литри, или 11%. Холандија е четврта со 2,5 милијарди литри и удел од 7%, а Белгија е петта со 2,4 милијарди литри и удел нешто помалку од 7 проценти.

Франција и Чешка се на шестото и седмото место со околу 2 милијарди литри годишно производство и удел од околу 6%.

Првите десет се надополнети со Романија (1,7 милијарди литри), Италија (1,7 милијарди литри), Австрија (816 милиони литри) и Португалија (738 милиони литри).

Во однос на 2018-та година, најголем раст во производството на пиво има Литванија за околу 7%, а потоа следат Шпанија (+ 6%) и Италија (+ 5%).

Во Холандија, Латвија и Словачка има намалување од 9%, 7% и 6%, соодветно.

Сепак, „Земјата на лалињата“ останува водечки извозник на пиво во Европа. Холандските пивари извезувале 1,9 милијарди литри во 2019-та година. Другите најголеми извозници се Белгија (1,7 милијарди литри), Германија (1,6 милијарди литри), Чешка (500 милиони литри), Франција (500 милиони литри) и Ирска (500 милиони литри).

Главните дестинации каде се продава европско пиво се САД (на кои се извезуваат 911 милиони литри, или 22% од вкупниот извоз), а втора е Велика Британија (825 милиони литри, или околу 20%).

На третото место е Кина, каде се продадени 364 милиони литри, или околу 9%. Русија и Канада имаат соодветно 258 милиони и 193 милиони литри.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП