18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОдржана редовна седница на Советот на Народната банка

Одржана редовна седница на Советот на Народната банка

Советот на Народната банка одржа редовна седница на којашто ги разгледа и ги усвои најновиот Квартален извештај, Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од оваа година и Годишниот извештај за надгледувањето на работењето на платните системи во 2019 година и ја донесе Одлуката за начинот на утврдување поврзани лица и за лимитите на изложеноста, со којашто се врши натамошно усогласување на домашната регулатива со одредбите од регулативата на Европската Унија и со насоките издадени од Европскиот банкарски орган.

Во Кварталниот извештај е нагласено дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски движења. Се очекува дека мерките коишто Народната банка ги презеде во првата половина на годината ќе овозможат натамошна соодветна поддршка на македонската економија во справувањето со предизвиците од корона-кризата.

Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика во рамките на априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во поглед на интензитетот и структурата на економскиот раст заради ефектите од појавата на ковид-19. Истовремено, нагласено е дека во вториот квартал, годишната стапка на инфлација изнесуваше 0,5%, во просек. Неизвесноста околу идната патека на движење на светските цени на примарните производи во следниот период постои, но според оцените на Народната банка, инфлацијата во домашната економија ќе остане во прифатливи рамки.

Анализата на билансот на плаќања во првиот квартал покажува дека дефицитот на тековните трансакции е речиси непроменет во споредба со истиот квартал од претходната година. Девизните резерви кај коишто беше забележан раст во првата половина на годината, според сите показатели за нивната адекватност, и натаму се во сигурната зона, во којашто и би останале.

Во Извештајот е утврдено и дека во текот на вториот квартал од годината е остварен забрзан раст и на кредитната активност и на депозитната база, над очекувањата според априлската проекција. Кварталниот раст на кредитирањето, којшто во поголем дел е резултат на кредитната поддршка за секторот „претпријатија“, се должи и на низата мерки на Народната банка донесени од почетокот на кризата, со коишто се создадоа услови за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем. На годишна основа, на крајот на вториот квартал, растот на кредитирањето достигна 6,6%, додека на вкупните депозити солидни 8,4%, во еден дел како одраз и на мерките на државата преку кои се обезбедија дополнителни средства за компаниите и за домаќинствата заради подобрување на ликвидноста и расположливиот доход.

Во однос на изворите на ризици, посочено е дека тие и понатаму постојат во глобални рамки и се речиси целосно поврзани со пандемијата на ковид-19. Народната банка и во следниот период ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување, заради натамошна соодветна поставеност на монетарната политика.

Податоците во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем покажуваат дека банкарскиот систем во целина се одликува со соодветни нивоа на ликвидност и солвентност, што им овозможува на банките да им излезат во пресрет на потребите на своите клиенти во услови на силниот шок предизвикан од корона-кризата. Стапката на адекватност на капиталот е умерено зголемена во споредба со крајот на претходната година и изнесува 16,5%, што е двојно повеќе од законски утврдениот минимум. За нејзиното зголемување најголем придонес има растот на сопствените средства на банкарскиот систем. Адекватното ниво на ликвидноста се потврдува и преку одделните показатели преку коишто се следи ликвидносната позиција на банкарскиот систем. Речиси една третина од активата на банкарскиот систем е ликвидна актива, којашто покрива близу 60% од депозитите на домаќинствата.

Во контекст на изложеноста на банкарскиот систем на кредитниот ризик, како што е посочено во Извештајот, особено е значајно што покриеноста на нефункционалните кредити со исправка на вредноста се зголемува и е на релативно високо ниво од 68,7%. Ваквото ниво, заедно со задоволителниот обем и квалитет на сопствените средства ги ограничува евентуалните негативни ефекти врз солвентноста на банките од евентуалната целосна ненаплатливост на нефункционалните кредити, коишто и натаму се во рамки на историски најниското ниво, односно на крајот на март изнесуваат 5%.

Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем и во првиот квартал од оваа година и понатаму е профитабилен, но при забележани пониски показатели за повратот на капиталот и активата, во споредба со првото тримесечје од 2019 година.

Советот го разгледа и ги усвои и Годишниот извештај за надгледувањето на работењето на платните системи во 2019 година и спроведувањето на дадените препораки. Народната банка со надгледувањето оценува дали структурата и функционалностите на платните системи според нивната значајност се во согласност со регулаторните барања за нивно непрекинато, сигурно и стабилно работење, коишто воедно се усогласени и со меѓународните стандарди за работата на платните системи.

Резултатите од надгледувањето во текот на минатата година покажуваат дека операторите на платните системи во земјата имаат воспоставено инфраструктура, политики, правила и процедури за работа што овозможуваат сигурно и непречено извршување на плаќањата преку системите со кои управуваат, а имаат и соодветни контроли за справување со внатрешните и надворешните извори на оперативен ризик. Оцените од Извештајот потврдуваат дека платните системи во земјата постојано обезбедуваат висок степен на сигурност и оперативна доверливост, што е значителен придонес кон создавање поволно економско окружување како за деловните субјекти, така и за населението. Достапноста на платните системи во текот на минатата година беше на највисоко ниво од 100%, без забележани падови и нарушувања во нивното работење.

На седницата, Советот ја разгледа и ја донесе Одлуката за начинот на утврдување поврзани лица и за лимитите на изложеноста, којашто во работењето на банките ќе се применува од почетокот на следната година. Со оваа одлука се врши натамошно усогласување на домашната регулатива со одредбите од регулативата на Европската Унија и со насоките издадени од Европскиот банкарски орган, во однос на начинот на утврдување и следење на поврзаните лица, утврдувањето изложеност кон лице и голема изложеност и начинот на утврдување и следење на лимитите на изложеноста.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП