28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЦБ им порачува на банките да не исплаќаат дивиденди до почетокот на...

ЕЦБ им порачува на банките да не исплаќаат дивиденди до почетокот на следната година

Банките во еврозоната би требало да причекаат со исплата на дивиденди и откуп на акции до 1 јануари следната година, стои во најновите препораки на Европската централна банка (ЕЦБ).

Во ЕЦБ се надеваат дека ова ќе ја зајакне способноста на заемодавателите да апсорбираат загуби за време на пандемијата од коронавирус, истовремено зголемувајќи го капиталот за да можат да продолжат да одобруваат кредити на потрошувачите и компаниите.

„Создавањето силни заштитни слоеви на капитал и ликвидност од последната финансиска криза им овозможи на банките да продолжат со кредитирање на домаќинствата и на компаниите за време на оваа криза и со тоа да помогнат во стабилизирање на реалната економија“, изјави во вторникот Андреа Енрија, претседател на надзорниот одбор на ЕЦБ.

„Затоа, најважно е да се охрабрат банките да користат заштитни слоеви на капитал и ликвидност сега за да продолжат да се фокусираат на главната задача: кредитирање“, додава тој.

Досега, ЕЦБ бараше од банките да се воздржат од исплаќање дивиденда на акционерите до 1 октомври. Затоа, многу банки ги откажаа планираните исплати на дивиденда темелени врз основа на финансиските резултати во 2019 година или барем ги намалија.

ЕЦБ директно ги набљудуваше најголемите банки и банкарски групации во еврозоната од 2014 година, чиј број во моментот се искачи на 115 институции во еврозоната од 19 држави, што претставува скоро 82 проценти од вкупниот пазар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП