27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботењето од дома го спасува бизнисот

Работењето од дома го спасува бизнисот

Повеќе од половина година светот се приспособува на нов начин на функционирање. Освен превентивните и заштитни мерки секојдневието на граѓаните не само во земјава туку во речиси целиот свет е променето.

Работата од дома не е повеќе тренд на компаниите туку потреба на бизнисот. За опстанок на стопанството неоходна беше брза промена на работните навики. Сега тоа полека станува многу нормално и доста продуктивно, што е најважно вработените се заштитени, а работните задачи се завршуваат навреме. Првичните резултати на многу истражувања покажаа дека работата од дома го намалува стресот, се зголемува довербата на вработените во работодавачот и се добиваат слични придобивки и бенефити со ваквиот начин на работа.

Денар контактираше со компании од неколку индустрии, првичната цел ни беше да дознаеме како за брзо време може да се промени начинот на работа и тоа одлично да функционира од дома, а да не се почувствува намален квалитет на услугите и производите кои ги нудат на граѓаните. Маркетинг агенција, банка и телекомуникациски оператор е изборот на Денар, за компании кои ќе ги претстават своите искуства и промената на функционирање. Овие три дејности имаат речиси најголема потреба од физичка комуникација со клиентите, со граѓаните.

Кризата со Ковид – 19 наметна нови правила на функционирање на компаниите. Работата од дома и дигитализацијата на работењето стана нужност. Во дејности каде комуникацијата е клучен сегмент се покажа дека таа може да се одвива и без физичко присуство, вели за Денар Татјана Лопарски од Елемент ПР. Според неа, низа онлајн платформи го заменија досегашниот начин на одржување на состаноци, како и координацијата за работни обврски. Лопарски смета дека нема голема промена во начинот на функционирање на нејзината компанија, напротив има подобрување во перформансите со оглед на кратењето на време на долги состаноци кои се заменија со брзи онлајн координации.

„Компаниите кои се занимаваат со услужна дејност како нашата лесно се приспособија на новиот начин на работа. И денеска дел од нас работат од дома, дел се на работа за да се одржат основните услови за нормален работен процес. Факт е дека ќе се менува начинот на комуникација како последица на кризата, ќе се менуваат многу нешта во поглед на функционирање на една компанија. И не само тоа во поглед на комуникацијата на компанијата со своите вработени и секако надвор од компанијата ќе мора да се наоѓаат алтернативни начини на комуникација. Нашата индустрија поврзана со комуникациите има голем предизвик пред себе бидејќи ќе се избегнуваат класичните промотивни настани со големи групи на луѓе и ќе мора да се насочи комуникацијата повеќе кон индивидуалците што е и барање на новите генерации. Тие сакаат персонализација на пораките, сега е можност да се пренасочиме брзо кон барањата на тие генерации“, вели Татјана Лопарски.

Денар контактираше и побара одговори и од компанија од банкарскиот сектор, Охридска банка. Раководителот на Дирекцијата за човечки ресурси Ангела Шенгуловска вели дека Ковид-19 на сите ни покажа дека живееме и работиме во свет полн со предизвици и неизвесност при што за да опстанеме и функционираме мора да бидеме флексибилни и подготвени брзо да ги менуваме „правилата на игра“ во работењето. Во таа насока, вели Шенгуловска дека реагирале брзо и обезбедиле технички можности за работа од дома на најголемиот дел од вработените со цел намалување на ризикот од ширење на вирусот во деловните простории, секаде каде што работниот процес тоа го дозволува. Од Охридска банка се свесни дека делуваат во индустрија која неможе комплетно да се пренасочи кон работа од дома, особено внимание велат дека посветиле на колегите кои работат во експозитурите и кои секојднeвено имаат контакт со многу клиенти. Во меѓувреме во банката спровела едукативна кампања чија цел е континуирано преку сите интерни канали за комуникација со вработените да се упатуваат совети за грижа за себе, грижа за најблиските и совети за заштита од корона вирусот.

„Во иднина продолжуваме со  концептот на работење од дома, технички сме стабилни за ваквиот начин на работа и остануваме заедно фокусирани на основната цел на Банката а тоа е нудење на квалитетна и навремена услуга на сите наши клиенти. Одговорноста е на наша страна, а тоа е да создадеме одржливи и безбедни услови за работа, а на тој начин да испорачаме висок квалитет на услуга. Остануваме фокусирани кон зачувување на здравјето и давање на максимална поддршка од сите аспекти на нашите вработени за што полесно пребродување на оваа кризна ситуација. Од досегашните спроведени активности можеме да забележиме само позитивни реакции на нашите колеги. Кога вработените и нивната работа се препознаени, кога вработените чувствуваат сигурност и доверба во работодавачот, чувствуваат дека се дел од тимот и дека работодавачот вистински се грижи за нивните потреби, нивното задоволство и продуктивноста се зголемуваат и тие се мотивирани да придонесуваат за растот и стабилноста на компанијата“, вели за Денар Ангела Шенгуловска, Раководителот на Дирекцијата за човечки ресурси.

Од телекомуникацискиот оператор А1 Македонија за Денар велат дека и пред пандемијата како компанија се подготвувале за помасовен дигитален начин на функционирање. Велат дека со самото ребрендирање на вработените им овозможиле флексибилно работно место, така што најголем дел од вработените биле подготвени работните задачи да ги извршуваат од дома. Од почетокот на пандемијата дури 70 отсто од вработените работат од дома во оваа компанија. А компанијата има подготвено детален план  за враќање во канцелариите и тоа по фази кој треба да биде спроведен кога ситуацијата со вирусот ќе стивне, велат од А1 Македонија.

„Здравјето на нашиот тим ни е најважно и токму затоа сите одлуки се водени од оваа цел. Откако поминаа два месеци работење од дома, спроведовме истражување на нашиот тим како би ги дознале недостатоците како и предностите кои нашите вработени ги имаат при работа во новите услови. Предизвиците кои ги воочија се однесуваа пред се’ на технички недостатоци, како опрема и репроматеријали, па затоа ние како компанија веќе им ги обезбедивме сите потребни ресурси. Позитивните страни на “новото нормално” кои произлегоа од истражувањето се во однос на големата мотивација на вработените да придонесат за работата на компанијата во овие специфични услови, транспарентната конуникација на менаџментот со тимовите како и желба за екстензија на флексибилниот начин на работа и понатаму. Вработените во А1 Македонија се докажаа како вистински херои кои успеваат работните обврски да ги извршуваат успешно во услови на едно многу сложено опкружување“, велат за Денар од телекомуникацискиот оператор А1 Македонија.

Само како споредба, германскиот гигант Сименс веќе најави дека повеќе од една третина од неговите вработени во текот на работната недела ќе имаат можност да работат три дена од дома. Од компанијата со седиште во Минхен  заклучиле дека работата во време на пандемија има многу предности во однос на фиксното работно место и дава резултати многу подобри во однос на тоа што менаџментот  првично проценувал. Од 380 илјади вработени во 43 држави низ светот во иднина и по надминување на пандемијата со работа од дома во овој индустриски гигант ќе продолжат околу 140 илјади лица.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП