6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНордиските земји на пат кон најдлабоката рецесија по Втората светска војна

Нордиските земји на пат кон најдлабоката рецесија по Втората светска војна

Оваа година Данска, Норвешка и Шведска се соочуваат со една од најголемите економски кризи во нивната историја поради пандемијата на коронавирусот, но тие треба да се опорават веќе следната година, покажа последното истражување на „Reuters“.

Во истражувањето, спроведено од 21-ви до 23-ти јули, учествуваа 29 економисти од Шведска, 26 од Норвешка и 15 од Данска.

Последиците од пандемијата во нордиските економии изгледаат нешто полошо отколку што очекуваат економистите во истражувањето спроведено во април и сега предвидуваат дека голем дел од регионот е на добар пат за најголем годишен економски пад од Втората светска војна.

Овие извозно ориентирани економии се базираат на трговија, а најголемите извозници како што се производителот на камиони „AB Volvo“, бродскиот гигант „Maersk“ и нафтената компанија „Equinor“ се погодени од пандемија што ги нарушила глобалните ланци на снабдување.

Шведска и Норвешка најверојатно ќе забележат пад од 5% и 4,5% во економијата во оваа година, соодветно, најголемиот пад од Втората светска војна. Се очекува Данска да изгуби 4,3 проценти од својата економија, што претставува најголем пад од финансиската криза во 2009-та година.

Владите и централните банки исфрлија пари во економиите за борба против негативните ефекти од пандемијата. Норвешката централна банка ги намали клучните каматни стапки за да забележи најниски стапки во мај, додека Шведска одржуваше нулта клучна каматна стапка и значително ја зголеми својата програма за откуп на обврзници.

Економистите, од друга страна, очекуваат брз пресврт во економиите во 2021-ва година, со стапки на раст скоро на нивото што треба да паднат годинава, благодарение на постепеното укинување на ограничувањата и очекуваните ефекти од фискалниот стимул. Ова ги подобри нивните очекувања во однос на оние во истражувањето во април.

Тие предвидуваат раст од 3,9 проценти за шведската економија, четири проценти за норвешката економија и 3,8% за данската економија. Но, растот на вработеноста се чини дека е побавен, бидејќи тие очекуваат невработеноста да падне само малку помеѓу 2020-та и 2021-ва година.

Иако е засегнат од пандемијата, нордискиот регион работи подобро од многу други земји во Европа и пошироко, рече Роберт Бергвист, главен економист во „ЅЕВ“ банката.

Сепак, тој предупредува дека проценките за 2021-ва година се „придружени со голема неизвесност“, со оглед на голем број варијабли, вклучувајќи како ќе се развие економската состојба во светот и дали ќе има втор бран на зараза оваа зима.

„За нордискиот регион е многу важно како Европа, САД и Азија ќе закрепнат, бидејќи зависи од глобалната економија“, рече тој, додавајќи дека шведската влада најверојатно ќе објави натамошен фискален стимул во септември.

„Шведска се надева дека ќе биде помалку погодена од вториот бран“, рече Бергквист, осврнувајќи се на одлуката на земјата да се воздржи од карантински мерки за разлика од остатокот од регионот.

Најважен ќе биде пристапот до вакцината, забележува тој, бидејќи тоа ќе помогне во закрепнувањето на другите земји со кои нордиските земји тргуваат, но и извезуваат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП