26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција ги продава пристаништата за да ја спаси економијата

Грција ги продава пристаништата за да ја спаси економијата

Грција ќе ја забрза приватизацијата на неколку регионални пристаништа во обид да го консолидира својот статус како транспортен центар и да и помогне на нејзината економија да се опорави од скоро децениската должничка криза, пренесува „Bloomberg“.

Постапките за приватизација на пристаништата Хераклион и Волос се очекува да започнат на почетокот на следната година. Неодамна до Грчката агенција за приватизација беа доставени понуди за оние во Александрополис, Кавала и Игуменица.

Најголемото пристаниште во Грција, Пиреја, стана едно од најголемите терминали за контејнери во Средоземното Море, по мнозинскиот удел на кинеската „Cosco Group“ во 2014-та година.

Грција го продаде и второто по големина пристаниште во Солун во 2018-та година.

„Приватизацијата на регионалните пристаништа ќе и помогне на земјата да стане моќен регионален центар за транспорт. Овие терминали создаваат економски развој бидејќи имаат значителен потенцијал за развој“, објасни извршниот директор на агенцијата за приватизација Рикардо Ламбирис.

Грција изгуби скоро четвртина од својот бруто-домашен производ за време на должничката криза што започна пред 10 години. Оваа година, економијата се очекува да се намали за уште 8% како резултат на кризата со коронавирусот. Невработеноста кај нашиот јужен сосед е сè уште највисока во Европа.

Но, растот на транспортниот сектор може да биде еден од двигателите за закрепнување. Пристаништата Александрополис и Игуменица се наоѓаат веднаш до автопатот што ја преминува северна Грција и ги поврзува со Турција и Италија. Александрополис исто така обезбедува пристап до внатрешноста на Балканскиот Полуостров.

Според Ламбирис, развојот на терминалите за увоз на природен гас исто така имаат потенцијал за раст. Локалната компанија „Gastrade“ во моментов гради терминал за снабдување и складирање на течен гас во близина на Александрополис. Објекти за складирање на гас ќе се градат и во Кавала.

Досега во Грција се пријавени нешто над 4.000 случаи на ковид-19, што не е многу споредено со земји како што се Шпанија и Италија, секоја со повеќе од 200.000 случаи. Досега, пандемијата не влијаеше на плановите на агенцијата за приватизација, изјави Рикардо Ламбирис.

Постапката за продажба на меѓународниот аеродром во Атина се очекува да започне во првиот квартал од 2021-ва година.

„Кризата предизвикана од ковид-19 само ја зајакна нашата решеност да ја завршиме програмата за приватизација во јавен интерес. Постојат многу проекти што ќе треба да бидат завршени во текот на следната година“, рече тој.

Меѓу нив е и продажбата на компанијата за гас – „DEPA“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП