18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТензично во Брисел: Тешки преговори во ЕУ за буџетот за излез од...

Тензично во Брисел: Тешки преговори во ЕУ за буџетот за излез од коронакризата

Лидерите на Европската унија денеска се собраа во Брисел на првиот самит „лице в лице“ од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, за финализирање на планот вреден стотици милијарди евра, кој има за цел да внесе живот во нивните економии.

Тие ќе се соочат со многу тешки разговори за предложениот долгорочен буџет и фондот кој ќе помогне во излезот од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

„Сите влегуваме во разговорите со голема претпазливост и морам да кажам дека несогласувањата се големи, така што не знам дали ќе постигнеме решение денес. Очекувам тешки преговори“, истакна Меркел.

Шпанскиот премиер Педро Санчез смета дека лидерите на ЕУ имаат обврска кон своите граѓани да постигнат договор за фондот за помош.

Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека „ова е момент на вистината и аспирацијата за Европа“.

„Ова е наш европски проект. Јас сум оптимист, но сум претпазлив“, рече францускиот претседател Емануел Макрон откако пристигна во Брисел на состанок со 27-те лидери.

Премиерот на Холандија Марк Руте изјави дека не е оптимист дека ќе биде постигнат договор за европскиот фонд за помош.

Слично мислење има литванскиот претседател Гитанас Науседа, кој не е сигурен дека лидерите на ЕУ ќе постигнат договор за повеќегодишен буџет и за кризен фонд за време на дводневниот самит.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, смета дека на овој самит може да се постигне договор за следниот европски буџет и фондот за помош на ЕУ.

„Со политичка храброст, можно е да се постигне договор“, изјави тој за новинарите по пристигнувањето на митингот.

Премиерот на Холандија, Марк Руте, смета дека има помалку од 50 проценти шанси европските лидери да постигнат договор за фондот за закрепнување на економијата на ЕУ.

„Јас би рекол дека шансите се помалку од 50 проценти, но ајде да се надеваме. Никогаш не се знае, ние сè уште би можеле да постигнеме компромис. Тоа е сè уште можно“, рече Руте пред почетокот на преговорите за фондот.

Лидерите на ЕУ денес се среќаваат во Брисел за прв пат од почетокот на пандемијата, а меѓу најконтроверзните прашања е колку пари од фондот ќе бидат дадени во грантови, и колку во заеми.

Тие исто така мора да постигнат договор за седумгодишниот буџет на блокот вреден 1,07 трилиони евра.

Членовите од југот на европскиот блок, вклучително и Италија и Шпанија, бараат итна одлука за фондот, кој, како што рече италијанскиот премиер Џузепе Конте, „не е ослабнат од слабиот компромис“.

Планот за обнова на ЕУ, поддржан од Франција и Германија, предвидува грантови и субвенции од 500 милијарди евра и 250 милијарди заеми, но „штедливите членки“ се спротивставуваат на тоа: Холандија, Шведска, Данска и Австрија.

Холандското спротивставување и унгарската закана од вето ги доведуваат во прашање шансите за договор за буџетот на ЕУ за 2021-27 година, што треба да помогне во заживување на економиите на јужните членки, кои се најтешко погодени од кризата, пренесува британската агенција „Reuters“.

Самитот на лидерите на ЕУ ќе се одржи во сала опремена со средства за дезинфекција на рацете во која е дезинфицирана целата опрема, а кој нема да присуствуваат новинари заради здравствени мерки, што е невообичаено.

Лидерите на ЕУ кои пристигнаа на денешниот самит во Брисел носеа маски, иако некои подоцна ги отстранија да разговараат со новинарските екипи.

Самитот треба да трае два дена, иако официјалните лица не ја исклучија можноста за продолжување на разговорите во недела, доколку не биде постигнат договор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП