29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнкета на НБРМ: Економијата годинава ќе падне 3,2%, инфлацијата на 0,4%

Анкета на НБРМ: Економијата годинава ќе падне 3,2%, инфлацијата на 0,4%

Надолна ревизија на очекувањата за просечната стапка на инфлација во земјава и очекуваниот раст на Бруто домашниот производ, покажува Анкетата на Народната банка направена во јуни. Очекувањата на економските аналитичари кои биле пооптимистички во март, спласнале во јуни поради пролонгирање на ефектите од глобалната криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19.

Така ако во март очекувањата биле дека годинава ќе имаме раст на БДП од 1,2 проценти, што сепак беше пад за 2 процентни поени во однос на претходните прогнози, сега во јуни, очекувањата се дека македонската економија нема да бележи раст туку ќе падне 3,2 проценти, што пак е надолна ревизија за 4,4 процентни поени. 

Во оваа анкета се забележуваат  промени и во очекувањата во поглед на економската активност, во споредба со претходната анкета. Така, наместо раст, анкетираните аналитичари очекуваат намалување на економската активност на домашната економија во 2020 година, а потоа постепено закрепнување во следните две години, со интензитет сличен како и во претходната анкета. Имено, анкетираните аналитичари очекуваат реален пад на БДП од 3,2% во 2020 година (надолна ревизија за 4,4 п.п.), раст од 2,6% во 2021 година (мала нагорна ревизија за 0,2 п.п.), како и забрзување на стапката на раст, односно искачување до 3,1% во 2022 година (мала нагорна ревизија за 0,2 п.п.)“, соопшти Народната банка.

Испитаниците ги поврзуваат ваквите очекувања со: неизвесноста од глобалната криза од вирусот Ковид-19, неизвесната странска побарувачка и нејзиното влијание врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, како и неизвесноста поврзана со парламентарните избори оваа година, којашто би се одразила преку воздржаност на домашните инвеститори и пониска кредитна активност.

Од друга страна, пак аналитичарите очекуваат дека преземените монетарни и фискални мерки, политичкото стабилизирање по завршувањето на парламентарните избори, членството во НАТО, отпочнувањето на преговорите за пристап во ЕУ, како и продолжувањето со капиталните проекти во патната и железничката инфраструктура ќе имаат позитивно влијание врз растот во наредниот период и ќе придонесат за посткризно забрзување на растот на економијата.

Освен економијата, аналитичарите очекуваат да паѓа и инфлацијата

„Во однос на инфлацијата, просечните очекувања за 2020, 2021 и 2022 година се значително пониски во однос на претходната анкета и упатуваат на просечна стапка од 0,4 отсто во 2020 година, 1,3 отсто во 2021 година, додека инфлација од 1,6 отсто се очекува во 2022 година (наспроти очекувањата за инфлација од 1,6 отсто во 2020 година и 2 отсто во 2021 и 2022 година).

Испитаниците ги наведуваат неизвесноста и надолните ризици од пролонгирањето на кризата предизвикана од корона-вирусот, намалената активност на домашната и глобалната економија, ниската домашна побарувачка, како и пониските увозни цени на енергенсите и храната, како фактори коишто би придонесле за намалување на стапката на инфлација“, соопшти Народната банка.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП