Во автокампот „Ас“ во Струга годинава интензивно се работи на изградбата на нови бунгалови, поради зголемениот интерес кај гостите за камперски туризам.
Овој вид туризам последните години станува профитабилна туристичка дејност, на што се посветија и струшките туристички работници.
Целта, според потпретседателот на ХОТАМ и директор на хотел „Дрим“ Крсте Блажески, е да се надополни нешто во струшкиот туризам заради привлекување туристи кои остануваат на подолг период, но и за оние кои претстојуваат во Македонија на неколку денови.
Тој посочи дека целосната понуда за капм-локациите и бунгаловите во „Ас“ ќе биде презентирана во посебен каталог за идната сезона.
– Подготвуваме нов каталог кој за 2014 година ќе биде целосно отворен и да бидеме конкурентни од мај до септември. Интерес има, и мислиме овој вид бунгалови да се продава и на странци и да склучуваме договори со странски агенции. Кампот го подготвуваме со сите европски стандарди и со четири ѕвездички.
За камp-туризам потребни се и овие бунгалови кои се подвижни и за 24 часа можат да се дислоцираат, изјави Блажески.
Гостите кои престојуваат во автокампот „Ас“ се задоволни од условите, плажите и од престојот, како и од гостопримството на стружани. Андреа Флос, турист од Норвешка рече дека една недела ќе поминат на Охридското крајбежје.
– Само што дојдовме од Грција, на подолг одмор сме. Една недела ќе бидеме на Охридското Езеро, а потоа продолжуваме во Тирана и Црна Гора.Тука има многу простор за децата. Секој ден одиме на вечера во многубројните ресторани кои ги има овде. Лесно е да добиеш место и храната е добра, изјави Флос.
При избор на дестинации на туристите, камп-туризмот во светот е легитимиран како водечки тренд на пократките, но и временски подолгите туристички одмори