28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата паднаа под 43 долари

Цените на нафтата паднаа под 43 долари

Цените на нафтата паднаа во вторникот под 43 долари на меѓународните пазари, поради загриженоста дека нагло зголемување на бројот на новозаразени, особено во Соединетите Американски Држави (САД), ќе го забави закрепнувањето на побарувачката на енергенсите.

На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 44 центи во однос на претходното затварање, на 42,66 долари. На американскиот пазар, беше во минус 53 центи, паѓајќи на 40,1 долари.

„Цените на нафтата опаднаа поради загриженоста дека растот на нови случаи на зараза со корона во САД ќе го ограничи закрепнувањето на побарувачката за гориво“, објави банката RBC.

Американските држави, 16 од нив пријавиле рекорден раст на бројот на нови случаи на зараза со COVID-19 во првите пет дена од јули, пренесува Reuters.

Флорида повторно воведува одредени ограничувања во економијата за да го запре растот на бројот на заразени. Високи стапки на зараза меѓу тестираните граѓани забележаа во последните неколку недели и Калифорнија и Тексас, двете најнаселени и економски најважни американски држави.

Новите случаи на инфекција станаа почести и во другите делови на светот, како Австралија.

Падот на цените не беше спречен со веста дека Саудиска Арабија во понеделникот ги зголеми официјалните продажни цени на нафтата, што сигнализира закрепнување на побарувачката. Некои аналитичари сметаат дека овој потег ќе го зголеми притисокот на веќе слабите рафинериски маржи.

Американскиот пазар е под дополнителен притисок, поради неизвесноста поради судската наредба која во понеделникот наложи затворање на гасоводот Dakota Access, најголемата артерија која превезува сурова нафта од базенот на шкрилци од Северна Дакота до Средниот Запад и Мексиканскиот Залив.

Судот побара затворање на гасоводот поради загриженоста за околината.

Од извори на пазарот во појасот од шкрилци Bakken наведуваат дека поради затворањето на нафтоводот со капацитет од 570 илјади барели на ден, сè додека не се направи студија за влијанието врз околината, дел од нафтата веројатно ќе биде пренасочена кон железничката пруга.

Одделно, OPEC објави дека цената на барел на референтната корпа на нафти на нејзините членови во понеделникот изнесува 43,54 долари, што значи дека пораснала за 61 цент во однос на претходниот трговски ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП