26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Виена претставен X-Vagon, метро без возач

Во Виена претставен X-Vagon, метро без возач

Виенскиот јавен превозник Wiener Linien го претстави во петокот, 3 јули првото метро без возач, т.н. X-Vagon. Градот кај производителот Siemens нарачал вкупно 34 комплети од овие вагони. Од 2022 година, X-Vagon треба да влезе во редовна употреба.

Новиот вид метро, ​​кој во дизајнот не се разликува многу од претходните, ќе има целосно дигитализирани податоци и известувања за патниците. Главниот извршен директор на Wiener Linien, Гинтер Штајнбауер истакна дека со X-Vagon започнува нова ера на јавниот превоз.

X-Vagon има капацитет за 928 патници, што е за 46 патници повеќе од сегашните модели, а 90 проценти од материјалот што се користи во изградбата на метрото е погоден и за рециклирање. Откако ќе завршат сите тестови, метрото првите две години ќе работи со возач, меѓутоа, најдоцна до 2025 година ќе се префрли на целосно автоматски режим на линијата U5.

Нарачката во вредност од 550 милиони евра кај производителот Siemens, кој во својата експозитура во Виена вработува 1.300 работници, вклучува и договор за одржување на возовите во траење од 24 години. Албрехт Нуман, шеф на железнички возила во Siemens, ова возило го нарече најмодерното метро во светот, а за него, како што нагласи, најважно е удобноста и високата безбедност на патниците, бидејќи единствено така можат да ги реализираат придобивките од јавниот превоз.

Годишен билет за виенски јавен превоз чини 365 евра, што во споредба со другите метрополи е најевтина понуда. Во Берлин, патниците плаќаат годишен билет од 882 евра, во Хамбург 1.988 евра, а во Лондон околу 4.000 фунти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП