3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ без договор за отворање на границите, листата на земји намалена на...

ЕУ без договор за отворање на границите, листата на земји намалена на помалку од 20

Членовите на Европската унија не успеале да постигнат конечен договор за „безбедната листа“ на држави чии граѓани ќе можат да патуваат во земјите на Унијата од 1 јули. Меѓу државите што нема да бидат вклучени на листата се наоѓа и САД, а списокот од првобитните 47, па 54 безбедни земји, е намален на помалку од 20, објави порталот politico.eu.

Амбасадорите на 27 земји членки на ЕУ се состанале во Брисел во петокот попладне за да ги утврдат критериумите за гарантирање влез во блокот без карантин од среда, 1 јули. Има меѓу десет и 20 од нив на листата на безбедни земји, но многу амбасадори истакнале дека мора да се консултираат со владите на своите земји.

Засега е сигурно дека САД нема да бидат на листата на чии граѓани ќе им биде овозможен слободен влез во земјите на ЕУ од 1 јули.

Порталот politico.eu пренесува дека европските дипломати се согласиле да ги отворат границите за граѓаните на оние земји каде стапката на зараза во последните две недели е еднаква или пониска од европскиот просек на 100.000 жители. Покрај стапката на зараза, ќе се земе предвид и трендот на намалување или раст, како и управување со епидемијата во земја која не е членка и сигурноста на податоците.

Дипломатите се согласиле дека конечната листа ќе се ажурира на секои две недели, следејки го развојот на настаните во земји кои не се членки на ЕУ.

Европската комисија ги советуваше членките на ЕУ прво да ги укинат контролите на граничните премини внатре во Унијата, а потоа постепено да ги отвораат границите за граѓаните на државите кои не се членки на блокот.

Меѓутоа, државите членки имаат моќ да одлучат чии граѓани ќе ги пуштат на нивната територија, иако Унијата се надева на координиран пристап за да помогне во закрепнувањето на континентот, пишува politiko.eu.

Грција и понатаму продолжува да бара тестирање на патници од голем број земји на ЕУ, вклучувајќи ги Франција, Италија, Холандија и Шпанија, како и самоизолација сè додека не ги добијат резултатите од тестот, а Чешка соопшти дека нема да дозволи туристи од Португалија, Шведска и делови од Полска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП