26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОлеснети условите за регистрација на мали винарски визби

Олеснети условите за регистрација на мали винарски визби

Владата на вчерашната седница даде согласност за измените на правилникот за висината на надоместокот за извршените работи на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ). Со овие измени се олеснуваат условите за упис во регистарот на производители на вино на физички лица и мали винарски визби. Конкретно, се намалува висината за надоместокот од 10.000 денари на 1.500 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно и 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување вино над 30.000 литри.

„Ваквите измени се направени со цел малите производители на вино кои имаат фамилијарни винарии да бидат ставени во законска рамка. Со оваа измена ќе се придонесе за праведност и правичност во однос на трошоците за регистрација на винарска визба, односно висината на трошоците да соодветствуваaт со капацитетот за производство и чување на произведеното вино во винаријата и да им се овозможи на малите семејни винарии да бидат регистрирани во регистарот на производители“, велат од Министерството за земјоделство.

Од таму велат дека намалувањето на трошоците за регистрација ќе биде мотивација за многу физички лица кои во домашни услови произведуваат вино, да можат да се регистрираат во регистарот на производители на вино, а со тоа на легален начин ќе можат да го пуштат во промет произведеното вино.

Воедно, велат од МЗШВ, ќе се придонесе и за обезбедување на одржлив пласман на грозјето, бидејќи лозарите кои има имаат лозови насади ќе имаат можност сопственото производство на грозје да го преработат во вино.

Намалувањето на висината на трошокот нема директно да претставува и намалување на приходите во буџетот, затоа што според проценките на ДИЗ, со поевтината регистрација, околу 100 физички лица и мали винарии би се регистрирале во регистарот на производители на вино.

Големите винарии се веќе регистрирани во регистарот на производители на вино, а оваа обврска за плаќање е само за идните производители.

Така, според проценките на Државниот инспекторат за земјоделство, во текот на оваа 2020 година, би се регистрирале 40 физички лица и мали производители, во следната 30, а во третата година 20 со што се очекува прилив на средства во буџетот на инспекторатот во износ од 135.000 денари за овие три години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП