6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ и Кина ќе се обидат да ги смират тензиите на видеосамитот

ЕУ и Кина ќе се обидат да ги смират тензиите на видеосамитот

Европската унија и Кина ќе се обидат да ги смират тензиите на видеосамитот, прв официјален разговор откако нивните односи се влошија поради европските обвинувања дека Пекинг шири дезинформации за новиот коронавирус.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, ќе одржат видеоконференција со премиерот Ли Кекијанг и претседателот Си Џинпинг.

„Ние сме подготвени да работиме со Кина, но исто така очекуваме Кина да ја преземе својата одговорност како една од најголемите светски економии“, изјави висок официјален претставник кој помага во подготовките за самитот. „Пандемијата ги зголеми некои проблеми“.

По самитот, кој би требало да започне во 10 часот по средноевропско време, не се очекува заедничка изјава.

Официјални претставници на ЕУ велат дека Кина се обидела да изврши притисок врз европските држави кои ги критикуваат нејзините постапки по избувнувањето на епидемијата од коронавирус, користејќи ги социјалните медиуми за ширење лажни извештаи за европско занемарување на заразените од COVID-19. Пекинг ги отфрла тие тврдења.

Дури и пред пандемијата, двата трговски партнери имаа разлики, вклучувајќи ги и оние околу Хонг Конг и договорот за инвестирање за кој се преговара.

ЕУ исто така се соочи и со американскиот притисок да заземе построг став кон Кина. ЕУ се наоѓа меѓу две сили, а двете и се потребни и не сака да се кара со ниту една од нив.

Европските влади се загрижени за кинескиот закон за национална безбедност за Хонг Конг, за кој демократските активисти и дипломати велат дека ќе го загрозат нејзиниот полу-автономен статус и улогата како глобален финансиски центар.

ЕУ и Кина се потписнички на нуклеарниот договор во Иран за 2015 година, а Брисел сака да обезбеди соработка со Пекинг за климатската политика, но ЕУ ја обвинува Кина дека не успеа да ја отвори својата економија и покрај договорот од 2019 година.

Германија го одложи самитот на лидерите на ЕУ со Си закажан за септември, наведувајќи ја како причина коронавирусот. Сепак, дипломатите велат дека една од причините е застој во преговорите за инвестиции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП