21 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИШтипски „Исар“ ја плати ратата од кредитот кон ЕБОР

Штипски „Исар“ ја плати ратата од кредитот кон ЕБОР

isar1

Штипското комунално претпријатие „Исар“ денеска ја подмири ратата од кредитот кон Европската банка за обнова и развој, кој пред 10 години беше земен за реконструкција на водоводната мрежа.

Директорот на ЈП „Исар“, Никола Мицевски информира дека станува збор за тековна рата во износ од 8 милиони денари или 138.000 евра.

– Вкупно од 2010 година до денес Јавното претпријатие „Исар“ има вратено 1.111.000 евра по основ на овој кредит. Со динамиката со која се движиме до 2015 година ќе ги вратиме овие тековни рати кои што остануваат. Потоа ќе бидеме во можност да ги реализираме оние заостанати рати, кои што во минатото не биле враќани, рече Мицевски.

Тој додаде дека на ЈП „Исар“ му остануваат уште 110 милиони денари за отплата на ратите од кредитот кон ЕБОР, од кои тековни се 30 милиони, а заостанатите рати од 80 милиони денари им ги должат на Министерството за финансии.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев вели дека во тек се преговори со Министерството за финансии за да се одложи исплатата на долгот од 80 милиони денари, кое според него, со право си ги бара парите.

– Во текот на преговорите ќе бараме да ни дадат период од две години за да почнеме со отплаќање на долгот. Ние ветуваме дека со оваа динамика со која што сега плаќа ЈП Исар тоа и ќе го заврши, вели Захариев.

Тој додава дека Општина Штип редовно го отплаќа кредитот кон јапонска „Џајка“, а кој е земен за реконструкција на Филтер станицата, со цел да ја прими водата од цевковод на Хидросистемот „Злетовица“. Деновиве се очекува и да се добие донацијата во опрема од словенската влада за штипската Филтер станица, а чија вредност изнесува 500.000 евра.

Што се однесува за кредитот кон Светска банка земен за изградба на платформите за паркирање на возилата и уредувањето на коритото на реката Отиња, Захариев вели дека од 2 милиони евра општината потрошила 435.000 евра.

– Ние го раскинавме договорот со „Кибилд“ тоа го знаете. Но морам да кажам дека наплативме гаранција од 160.000 евра, пари кои беа дадени како аванс на оваа претпријатие и тие веќе ќе бидат вратени деновиве на Светската банка. Остануваат оние средства за плоштадот, но и за она што се работеше во Отиња, а за кои Светската банка инсистира да се вратат одеднаш. Во овој момент ние ако ги вратиме парите одеднаш, тоа значи дека општинската администрација три месеци нема да земе плата. Настојуваме со нив да преговараме, да ни дадат период после Нова година да ги отплаќаме, а ние ќе гледаме колку што е можно поскоро да ги отплатиме, појасни Захариев.

Штипскиот градоначалник рече дека Општина Штип по основ на кредити должи околу 1 милион евра, а штипското комунално претпријатие „Исар“ 1,5 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП