Македонските граѓани на е-продавници потрошиле 10,1 милиони евра во март, а близу 30 милиони евра во првите три месеци од годинава.
Анализата на Асоцијацијата за е-трговија покажува дека во текот на првите три месеци од 2020 година Македонците со домашни картички кон македонски е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5 отсто) во однос на истиот период претходната година.
-Пандемијата со корона вирусот влијаеше кон промена на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето наместо кон странски земји го пренасочија кон домашни е-продавници. Влијание кон ова секако има и затворањето на границите и комплексноста која се појави со доцнењето со испорака на производи купени од странство, како и стравот од нарачка на производи кои потекнуваат пред се од земји кои беа со голем број на заразени од вирусот Ковид-19, наведуваат во анализата.
Од Асоцијата велат дека податоците за растот на бројот и вредноста на трансакции укажуваат на тоа дека граѓаните стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, особено кон домашни е-продавници.
-Голем дел од трансакциите кои во претходниот период се одлевале од државата онлајн, кон странски земји во текот на првите три месеци, а особено во месец март се пренасочени кон домашни е-продавници, стои во анализата.
Ограничувањата на движењето кое беше на сила од средината на март, зголемениот број на новоотворени онлајн продавници во Северна Македонија, а со тоа и поголемата понуда на производи и услуги онлајн од страна на домашните компании, износот на трансакции кон домашните е-продавници пораснал во однос на странските е-продавници. Конкретно, 59,4 отсто од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во земјава останале во земјава, додека 40,6 отсто од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во странство.
Од Асоцијата оценуваат дека свеста за е-трговијата се менува, а бум на е-трговијата имало во месец март.
-Имателите на домашни платежни картички (платежни картички издадени од македонски банки), значајно го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите во март 2020 кон е-продавници што функционираат во земјава. Бројот на онлајн трансакции реализирани од страна на физички лица во месец март годинава, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 99 отсто во однос на месец март претходната година. Конкретно, годинава реализирани се вкупно 367.535 трансакции, за разлика од претходната година кога биле реализирани 184.652 трансакции, наведуваат од Асоцијацијата.
Додаваат дека ако се земе предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во земјава, исто така, има огромен раст имајќи предвид дека во текот на март 2020 година се потрошиле 10,1 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании што продаваат онлајн, за разлика од 5,2 милиони евра во текот на март 2019 година. Станува збор за раст од 94,2 отсто.
Во земјава заклучно со 31март 2020 година активни се 1.078 витруелни ПОС уреди. Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31 март 2020 година во Република Северна Македонија активни се 1.078 продажни места. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места што се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги. За период од три месеци во текот на 2020 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 58 новоотворени, покажува анализата на Асоцијацијата.
Согласно податоците кои Асоцијацијата за е-трговија ги обезбеди од петте банки кои ја нудат услугата е-трговија, само во март банките имплементирале 42 нови е-продавници и согласно тој податок во месеците јануари и февруари годинава се имплементирани вкупно 16 е-продавници.