28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПриватните градинки се подготвени да отворат следната недела!

Приватните градинки се подготвени да отворат следната недела!

Здружението на приватни градинки ПОЛЕТ од властите бара со забрзано темпо да се доврши скринингот на вработените во нивната дејност. На тој начин приватните градинки ќе треба само да бидат дезинфицирани од страна на локалната власт или од страна на Центарот за јавно здравје. Потоа Комисијата за заразни болести ќе треба да даде зелено светло за повторно приватните градинки да бидат отворени за најмладите. Градинките се затворени три месеци, Андреј Поповски, претседател на Асоцијацијата на приватни градинки вели дека се подготвени да ги спроведат протоколите и правилата кои се препишани за работење во овие установи.

„Сите мерки кои се пропишани со протоколите ние сме подготвени да ги спроведеме и сме подготвени за згрижување на децата. Според она што стои во протоколите околу 80 отсто од тоа што се бара сега од нас како превентивни мерки, ние тоа и го правевме и пред пандемијата. Да се има 15 деца во една група во одредена квадратура. На 15 деца треба да има една воспитувачка и една негувателка. Во јаслите пак на шест деца треба да има две негувателки.  Она што се разликува сега е тоа што групите не треба во никој случај да се мешаат, односно децата ќе се носат во одредено време да не се прави гужва пред вратата, и да може да се држи растојание помеѓу родителите“, вели за Денар Андреј Поповски.

Од здружението стравуваат дека доколку не им се дозволи набрзо да работат, многу приватни градинки ќе стават клуч на врата. Ако дејноста чека да поминат изборите, па да се формира собрание и одлука да донесат новите или идните власти работата дополнително ќе се искомпликува. Инаку, под ова здружение има 15 градинки во кои работат околу 200 лица. Информациите се дека тука се згрижуваат околу 1000 деца. Анкетата која ја спровело здужението покажало дека 60 отсто од родителите ќе ги вратат децата во приватните градинки каде што оделе пред корона вирусот. Останатите изјавиле дека ќе калкулираат во првите неколку недели па потоа ќе ги вратат децата во градинките. Во просек Поповски вели дека цената во приватните градинки  месечно за едно дете е околу 12 илјади денари, за второ дете има попуст од најмалку 20 отсто.

Побаравме одговори од министерството за здравство, од каде кусо ни одговорија дека отворањето на приватните и на државните градинки зависи најмногу од генералната состојба со корона вирусот во земјава. Според анализите на моменталната состојба се преземаат активности во однос на промена на мерките. Кога ќе биде одлучено овие установи повторно да продолжат со работа ни посочија дека ќе бидеме навремено известени.

А пак од министерството за труд и социјална политика велат дека одлуката за почетокот на работа на градинките, препораката ќе ја даде, како и за сите мерки, Комисијата за заразни болести, водејќи сметка пред се за здравјето на децата и на вработените, а одлуката ќе ја донесе Владата. Секако определувањето на времето за отворање на градинките ќе  се предводи од најдобриот интерес на детето и севкупните аспекти на јавното здравје, врз основа на проценка на поврзаните придобивки и ризици, каде предвид ќе се земат и меѓу ресорските докази и докази во даден контекст, вклучително и јавно-здравствените и социо-економски фактори.

„Министерството за труд и социјална политика во соработка со основачите на детските градинки, односно сите чинители на национално и под-национално ниво водат сметка дека децата не смеат да останат незгрижени и отворањето на градинките мора да се направи на безбеден начин, и тоа доследно на здравствениот одговор на ковид-19, со преземање на сите разумни мерки за заштита како за децата и нивните семејства така и за кадарот кој што работи во градинките“, велат од министерството за труд и социјална политика.

Приватните но и државните градинки со одлука на владата престанаа со работа на 11 март. Во повеќето држави во опкружувањето но и пошироко децата се вратија во градинките. А во добар дел од градинките низ Европа, никогаш не беа затворени туку работеа со засилени контроли и превентивни мерки.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП