петок, 27 јануари 2023
ПочетнаЕКОНОМИЈАОпштина Центар спроведе повторна акција за миење и чистење на улиците

Општина Центар спроведе повторна акција за миење и чистење на улиците

Со оглед на растот на бројот на новодијагностицирани заболени лица од COVID-19 и продолжувањето на кризата, Општина Центар спроведе повторна акција за миење и чистење на улиците во сите општински населби. Од почетокот на здравствената криза, ова е трета по ред дезинфекција на територијата на Центар и за оваа активност се искористени вкупно 116 тони средство за дезинфекција и темелно чистење на улиците.

„Несомнено е дека имаме втор бран како резултат на непочитување на мерките и препораките на Владата на РСМ и Комисијата за заразни болести. Токму заради тоа, го искористивме полицискиот час и спроведовме викенд акциии за темелно чистење, миење и дезинфицирање на улиците во општина Центар. Преку овие вонредни мерки кои ги спроведовме за зголемена заштита и спречување од дополнително ширење на вирусот, го подигнуваме и нивото на јавната хигиена и чистота во нашиот град“ – изјави градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Во оваа вонредна акција за дезинфицирање се искористени 36 тони средство кое се распрскува со помош на четири цистерни. Улиците се чистат со течен концентрат за дезинфекција и чистење со активен кислород, кој има високо гермицидно дејство. Концентратот е еколошки, биоразградлив, не ја загадува околината и делува против сите видови грам-позитивни и грам-негативни бактерии, вируси и габички. Поради ниската PH вредност делува против создавање наслаги од варовник и каменец, а со ослободување на активниот кислород, се уништуваат многу вирусни честички во воздухот и на површините.

„Во изминатите три месеци, ние како општина континуирано спроведуваме вонредни мерки за дезинфекција на сите отворени спортски и детски игралишта, јавната урбана опрема, основните училишта и детските градинките. Дополнително преземавме мерки за скрининг тестирање на воспитно – образовниот персонал во градинките, спроведовме безбедни протоколи за прием на првачињата, дезинфекција и санитизација на детските душеци во градинките со најсовремена технологија и секојдневно дезинфицирање на влезовите во станбените згради“ – изјави Богдановиќ.

Општина Центар и во наредниот период ќе продолжи со секојдневни активности за почист Центар и зголемен број акции за заштита и надминување на кризната состојба со корона вирусот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП