25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДенар анализа: Граѓаните враќаат огромни камати на државните кредити!

Денар анализа: Граѓаните враќаат огромни камати на државните кредити!

По издавањето на седмата еврообврзница вредна 700 милиони евра, Денар анализираше – колкав јавен долг има Македонија, кога доспеваат за враќање натрупаните стари долгови, и дали има конкретен план Владата за трошење на позајмените пари. Акцентот го ставаме на каматите кои граѓаните ги плаќаат по основ на задолжувања на државата.

Анализата ја започнуваме од 2005-та кога Владата предводена од СДСМ ја издаде првата еврообврзница вредна 150 милиони евра. На чело на министерството за финансии во тој момент беше министерот Никола Поповски. Каматната стапка на ова задолжување изнесуваше 4,6 отсто. Задолжувањето од 150 милиони евра е вратено во 2015-та, а по основ на камата граѓаните платиле дополнителни 69 милиони евра.

Четири години подоцна или во 2009-та министерот за финансии Трајко Славевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ партија која во тоа време беше на власт ја издава втората еврообврзница во вредност од 175 милиони евра. Каматната стапка по која требало да се враќаат парите засега е рекордно највисока, 9,8 отсто. Парите се вратени во 2012-та, а по основ на камати за оваа еврообврзница од државната каса биле искеширани речиси 43 милиони евра.

Следните две еврообврзници ги издава министерот за финансии Зоран Ставревски од ВМРО-ДПМНЕ. Едната во 2014 тешка 500 милиони евра, каматната стапка изнесувала 3,9 отсто, а парите треба да се вратат догодина, односно 2021- ва. Каматата за ова задолжување надминува 136 милиони евра, пари кои треба да ги вратат граѓаните. Втората еврообврзница на Ставревски или четврта на земјава од осамостојувањето е издадена година дена подоцна или во 2015-та, и е во вредност од 270 милиони евра. Каматата по која треба да се вратат парите изнесува 4,8 отсто. Оваа еврообврзница доспева на крајот на годинава, а за неа каматата ќе достигне без малку 65 милиони евра.

Следната еврообврзница или петта по ред ја издава наследникот на Зоран Ставревски во министерството за финансии Кирил Миновски во 2016-та година, исто така од ВМРО-ДПМНЕ. Миновски на меѓународниот пазар на пари позајмува 450 милиони евра по каматна стапка од 5,6 отсто и добива рок за враќање на парите седум години. Тоа значи дека во 2023-та година освен целата сума од 450 милиони евра, земјава ќе треба да врати и камата вредна нешто над 176 милиони евра.

По промената на власта, министерот за финансии Драган Тевдовски од СДСМ и во 2018-та ја издава шестата еврообврзница тешка 500 милиони евра, но засега таа е со најниска каматна стапка, 2,7 отсто. Доспева во 2025-та, а по основ на камати ќе треба да се платат плус 94,5 милиони евра.

Седмата, или еврообврзницата која ја издаде актуелната министерка за финансии Нина Ангеловска од 700 милиони евра е највисокото задолжување на земјава досега. Каматната стапка изнесува 3,6 отсто и доспева во 2026-та година. За ова задолжување ќе треба да се платат нешто над 150 милиони евра.

Побаравме експертско мислење од универзитетскиот професор Марјан Петрески, дали овие рекордно позајмени пари ќе бидат доволни да се справиме како држава со кризата која и натаму се продлабочува. Професорот за Денар вели дека, еврообврзницата е издадена за да ги финансира тековните буџетски потреби, кои грубо земено се сведуваат на буџетскиот дефицит плус доспевањето на стари долгови, пред се стара еврообврзница која доспева подоцна годинава.

„Секако дека потребни се средства да го амортизираат ударот на кризата, и особено беше важно тие средства да бидат обезбедени од странскиот пазар, за да го олабават просторот за водење монетарна политика, што е особено важно во услови на фиксен курс на денарот. Оттука, наместо да дебатираме дали требало толкава обврзница и по таа каматна стапка, покорисно е дебатата да се однесува на тоа дали владата добро ги дизајнираше пакетите мерки и дали можеше да скрати повеќе на расходната страна со ребалансот на буџетот. Можеме да дискутираме дека во третиот пакет мерки има и некои со популистички елементи кои се случуваат во изборен период, но од друга страна такви мерки презедоа многу други држави. Во однос на прашањето за кратењето на расходите – мојот став е дека кратењето не беше доволно ревносно, не само во делот на непродуктивните расходи, туку секако и во делот на трошоците за јавната администрација и пензиите, кај кои беше потребна барем минимална надолна корекција и барем кај повисоките износи, со цел барем перцептивно да се укаже дека товарот на кризата ќе го сносиме сите.“

Инаку, годинава освен издавањето на еврообврзницата, земјава на меѓународниот пазар се задолжи и кај Меѓународниот монетарен фонд од каде е подигнат кредит во висина од 176 милиони евра, од Светска банка е земен кредит во висина од 140 милиони евра, а од Европската унија кредит од 160 милиони евра. Но владата во овој кризен период не се задолжуваше само надвор, за справување со кризата се задолжи и на домашен терен во висина од 487 милиони евра. Од нив 132 милиони евра се кредити од домашните банки, а дури 355 милиони евра се по основ на хартии од вредност. Јавниот долг во моментов изнесува 50,7 отсто од БДП.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП