21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКартички за невработени, ваучери за одмор, викенд без ДДВ се дел од...

Картички за невработени, ваучери за одмор, викенд без ДДВ се дел од третиот сет мерки на Владата – за експертите се збир од „дедомразовски“ подароци

Платежни картички за купување на домашни производи од 9.000 денари, ваучери за одмор од 6.000 денари, картички и ваучери за млади, викенд без ДДВ за сите граѓани. Владата го презентираше третиот сет мерки за помош на граѓаните и на компаниите погодени од корона кризата. Ќе се поделат околу 100.000 платежни картички со 9.000 денари за купување на домашни производи. Ќе ги добијат невработените со месечни приходи до 15.000 денари, како и граѓаните корисници на гарантирана минимална помош. Ќе може да се користат 30 дена, а за оваа мерка ќе се потрошат 16 милиони евра.

Околу 100.000 граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и домашна платежна картичка од 3.000 денари. Со оваа мерка се опфатенби сите вработени граѓани кои што примаат нето плата помала од 15.000 денари и немаат други приходи во 2018 година според УЈП.

Околу 100.000 млади ќе добијат ваучери и картички вредни 12 милиони евра. Тие од семејства со ниски примања ваучери на 6.000 денари за покривање на партиципацијата на факултетите или за сместување во студентски и ученички домови. Младите ќе може да аплицираат и за платежна картичка од 3.000 денари за купување на домашни производи. А ќе има и ваучери од 30 000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини.

Паричен надоместок ќе добијат и сите работници кои изгубиле работа од 11 март до 30 април дури и ако потпишале спогодбен отказ.

Се воведува и викенд без ДДВ за сите граѓани, преку поефтини цени за граѓаните. Целта е да се поттикне потрошувачка и раст на приходите во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Владата очекува дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство.

Тоа се мерките за граѓаните предвидени во третиот економски пакет на Владата чија цел е стимулирање на потрошувачката. Но, за експертите намерата на Владата да излезе со трет пакет, кој ќе биде за „рестартирање“ на економијата, не е лоша, ама овој пакет не е доволно добар.

Овој пакет е своевиден збир од „дедомразовски“ подароци на неколку општествени категории, односно, еднократни надоместоци, а на нас ни требаат системски решенија, системски промени за поддршка на оние кои беа погодени повеќе од кризата и кои со години се маргинализирани и запоставени. Освен тоа, и некои од предложените мерки се доста проблематични.

Прво, мерката за викенд без ДДВ. Таа ќе направи ужасни гужви по продавниците, што може многу да го рашири вирусот. Ќе доведе и до значаен пад на буџетските приходи, зошто луѓето купувањето на многу производи ќе го одложат за тој викенд кога нема да се плаќа данок. Од неа многу повеќе корист ќе имаат побогатите, тие ќе ја искористат за да си купат поскапи производи без данок (прочитав негде на социјалните мрежи – прав момент да се купи џип без данок). Ќе доведе и до легализација на даночната евазија, односно ќе им овозможи на фирмите прометот кој не го пријавиле претходните месеци да си го пријават тој викенд без да платат данок. Ќе биде и комплицирана за спроведување, ќе треба веројатно да се репрограмираат фискалните каси, да се селектираат производите што ќе бидат опфатени со мерката, што бара многу време, работа и сл.“, изјави за „Денар“ Бранимир Јовановиќ поранешен советник на екс министерот за финансии Драган тевдовски.

Тој, проблем гледа и во други мерки, но и простор за малверзации и корупција.

„Второ, мерките што се преку платежните картички. Отвораат многу простор за малверзации и корупција, околу набавката на картичките, изработката и сл. За сè тоа се потребни јавни набавки и јавни пари, што е многу спорно и подложно на злоупотреби. Плус, во 21. век, да набавуваш картички, при сета нова технологија, е малку несериозно. Трето, мерката за надоместок на лицата кои останале без работа за време на кризава, од само 2 месеца. Синдикатите бараа овие лица да бидат опфатени со системското решение, кое е повеќе од 2 месеца. Викаат дека така било договорено со Владата, и сега Владата отстапува од договорот. Мислам дека со тоа се праќа многу лоша порака, дека Владата не си стои на зборот и не ги сфаќа сериозно синдикатите”, изјави Јовановиќ.

Владата нуди и мерки за опоравување на стопанството. Ќе има бескаматни кредити, помош за стартапи и за извозно ориентирани компании, државна гаранција, поддршка за земјоделството.

Бескаматни кредити тешки 31 милион евра ќе се овозможат за фирмите преку Развојната банка и тоа за поддршка на жени, млади и дигитализација на бизнисот, како и грантови и неповратни средства за компании кои се водени од жени или вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или воведуват иновација и дигитализација.

За стартапи ќе се издвојат 125 милиони евра за извозно ориентирани компании, како и гаранција за обезбедување на царински долг како и државна гаранција за кредити. Додека пак 25 милиони евра ќе бидат одвоени за приватен сектор за нови пазари, конкурентност и модернизација.

За воведување на дигитална платформа за нови пазари за текстилните фирми ќе се издвојат 1 милиони евра, како и 1,6 милиони евра за иновативни продукти и за трансформирање на етното село во Нерези во македонско стартап село. Ќе се кофинансираат настани и конференции со 50 проценти или најмногу до 30 илјади денари. За оваа намена ќе бидат издвоени 245 илјади евра.

За помош на земјоделците ќе се издвојат 76,1 милиони евра.

Вработените на Клиниката за инфективни болести, Институтот и Центрите за јавно здрвје и тимовите на итната помош ќе добијат 20 проценти повисока плата за 2 месеци.

Според техничкиот премиер Оливер Спасовски ова не е предизборен поткуп на гласачи како што обвинува опозицијата, туку справување со последиците од Ковид 19. Третиот пакет тежи вкупно 355 милиони евра. Владата очекува со него да опфати 730.000 корисници.

Спасовски оцени дека со овој сет мерки се оди еден чекор понатаму, а тоа е ревитализација, закрепнување на економијата, стимулирање на потрошувачката и на индустријата и е директна помош од државата и на граѓаните и на стопанството. Тој посочи дека третиот сет економски мерки е широко усогласен со експерти, стопанските комори, синдикатите и оти креирањето на мерките е направено максимално транспрентно и во целосно инклузивен процес.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП