1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Стандард и Пурс“ и „Фич“: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем...

„Стандард и Пурс“ и „Фич“: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав и останува стабилен

Кредитните агенции „Стандард и Пурс“ и „Фич“ го потврдија кредитниот рејтинг на нашата земја. „Стандард и Пурс“ го задржува кредитниот рејтинг на нивото ББ-, со стабилен изглед, а „Фич“ го потврдува кредитниот рејтинг ББ+, при што изгледот е негативен, заради влијанието на пандемијата на ковид-19 врз економијата во глобални рамки.

Во соопштенијата со коишто известуваат за своите одлуки за кредитниот рејтинг на земјата и ги претставуваат своите проекции и видувања за македонската економија, од двете агенции се осврнуваат и на мерките коишто ги презема Народната банка, стабилноста на девизниот курс на денарот, нивото на девизните резерви и состојбите во банкарскиот систем.

Во однос на банкарскиот систем, во соопштението на „Стандард и Пурс“ е истакнато дека системот останува стабилен. Од агенцијата наведуваат дека во услови на неизвесност, притисоците врз депозитната база биле од краткотраен карактер, како во однос на динамиката, така и во однос на промените во валутните преференции. Притоа ги потенцираат и последните трендови кај девизните резерви, коишто упатуваат на нивен раст и на стабилни движења на девизниот пазар.

Од „Фич“ пак, напоменуваат дека банкарскиот систем има здрави основи и висока ликвидност. Според нивните оцени системот е во добра кондиција што овозможува тој да придонесе за ублажување на шокот од корона-кризата, обезбедувајќи кредитна поддршка за македонската економија. Притоа посочуваат дека е клучно што адекватноста на капиталот минатата година се зголеми на нивото од 16,3%, како и тоа што нефункционалните кредити се на досега најниско ниво од 4,8%. Во соопштението на „Фич“ е констатирано и дека банкарскиот систем е подготвен да ги апсорбира кредитните загуби коишто се очекувани во текот на корона-кризата, но истовремено и очекуваат оваа година да има благ пораст на вкупните кредити.

Во соопштенијата на „Стандард и пурд“ и „Фич“ посебен акцент е ставен и на мерките на централната банка, преземени за поддршка на економијата во условите на глобалната пандемија на ковид-19, како што се релаксирањето на монетарната политика и регулаторната флексибилност, како мерки коишто треба да го поддржат кредитниот циклус и да придонесат економијата да се справи со ефектот од кризата.

Во однос на следниот период, од двете агенции укажуваат на неповолните ризици од корона-кризата врз економијата од една страна, но и на позитивните ризици од засилени структурни и институционални реформи, во рамки на евроинтегративниот процес.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП