Германскиот БДП во првиот квартал од оваа година беше за 2,2 проценти помал во споредба со оној од последните три месеци од 2019 година. Тоа е најлош резултат на германската економија уште од економската криза во 2009 година.
За вакво успорување на економијата виновна е пандемијата од коронавирусот, што предизвика привремено затворање на многу компании. Се очекува резултатите следниот квартал да бидат подобри, бидејќи Германија кон крајот на април започна со попуштање на забраните и ограничувањата.
Треба да се има во предвид дека најсилната економија на ЕУ во однос на нејзините други членки забележа дури и добар резултат. БДП во Унијата во тој период падна во просек за 3,3 проценти. Во некои земји тој пад беше уште поизразен – во Франција изнесуваше 5,8 проценти, а во Италија 4,7 проценти.
Во еврозоната падот на БДП во првиот квартал изнесуваше 3,8 проценти.