27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАЛКАЛОИД го реализираше проектот за гасификација на локалитетот во Ѓорче Петров

АЛКАЛОИД го реализираше проектот за гасификација на локалитетот во Ѓорче Петров

Во согласност со планот за капитални вложувања за 2019 и за 2020 година, АЛКАЛОИД АД Скопје реализираше инвестициска активност за приспособување и за воведување природен гас на локалитетот Ѓорче Петров. Инвестициската активност е со вредност од 1 милион евра и опфаќа изведба на нов подземен гасовод на локалитетот, пуштање во употреба на два нови парни котли и санација на постојните инсталации.

Водејќи се од светските трендови за зголемување на енергетската ефикасност и за намалување на емисијата на стакленички гасови, стручните технички служби во компанијата – Инвестиции, Одржување и Енергетски менаџмент –  изготвија план и решение за воведување на природниот гас на локалитетот. Извршена e набавка и пуштање во употреба на два нови парни котли и горилници со ниско количество на NOx-гасови од светски реномираните производители Viessmann и Saacke, изработени во согласност со последните технолошки и инженерски достигнувања. Новоинсталираната опрема се карактеризира со исклучително висока енергетска ефикасност и искористеност на природниот гас, а направена е и модернизација на котларата, која опфаќа автономно работење од 72 часа без присуство на персонал.

Со воведувањето на природниот гас во индустриските и енергетски капацитети на локалитетот Ѓорче Петров, се создаваат услови за негово максимално искористување, за поголема економичност во вкупната потрошувачка на енергенси во компанијата и за намалување на трошоците за одржување на постојната опрема.

Како општествено одговорна компанија, која се грижи за животната средина и за здравјето на граѓаните, АЛКАЛОИД придонесува за намалување на загадувањето и за исполнување на строгите еколошки стандарди во целост.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП