18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако се возат Европејците: Метрополите го редуцираат јавниот превоз

Како се возат Европејците: Метрополите го редуцираат јавниот превоз

Eпидемиолошката криза попушта во Европа, па владите ги намалуваат и прилагодуваат условите за работа во јавниот превоз во обид да ја започнат економијата, пренесува AP.

Владите на Италија, Франција и Шпанија наредија условите во јавниот превоз да бидат усогласени со превентивните мерки насочени кон спречување на втор бран на епидемијата од коронавирус.

Во Милано, во автобусите се поставуваат црвени маркери со кои се утврдува пропишаната оддалеченост меѓу патниците, додека Холанѓаните воведуваат поголеми и попространи меѓуградски возови.

Во Берлин и во многу други градови се отвораат нови ленти за велосипеди, додека во Велика Британија патниците ќе ги користат само средната или задната врата за да го намалат ризикот од инфекција за возачите на автобусите.

Директорката на француското метро, ​​Кетрин Гијуар, денеска најави дека RATP, државната компанија со која раководи, ќе активира 70 проценти од капацитетот на париската мрежа во јавниот превоз кога во мај ќе помине вонредната состојба.

Меѓутоа, таа тврди дека социјалното дистанцирање нема да биде можно, но затоа сите вработени во јавниот превоз во Париз ќе носат заштитни маски.

BBC објави дека се проценува бројот на корисници во јавниот превоз во британските градови по вонредните мерки да биде за 20 проценти помал отколку пред епидемијата, додека во Лондон се најавени дури 40 проценти помалку корисници во јавниот превоз во споредба со ситуацијата пред избувнувањето на епидемијата.

Според истражувањето на консултантската компанија SYSTRA, бројот на патници во британските возови би можел да биде намален за 27 проценти.

Сите наведени резултати се лоша вест за европските влади и јавните превозници, кои настојуваат да ја поттикнат јавноста да користи јавен превоз повеќе за да ги намали емисиите на штетни гасови, бидејќи граѓаните од внимание по вонредните мерки можат повеќе да користат свои приватни возила.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП