26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на индустриското производство во еврозоната

Пад на индустриското производство во еврозоната

eu12

Индустриското производство во еврозоната во мај е намалено, прв пат во четири месеци, покажаа во петокот податоците на Еуростат, укажувајќи на кревкото и нерамномерно опоравување на еврозоната.

Сезонски прилагоденото индустриско производство намалено е за 0,3 проценти на месечно ниво и за 1,3 проценти на годишно ниво, објави канцеларијата за статистика на Европската унија.

Падот на производството главно се должи на падот на производството на трајната потрошувачка стока, и тоа од 2,3 проценти на месечно и 6,2 проценти на годишно ниво.

На ниво на 27 членки на ЕУ, индустриското производство во мај, во споредба со претходниот месец, е намалено за 0,6 проценти, додека во споредба со истиот месец лани паднало за 1,6 проценти.

Пад на производството е забележано во двете најголеми економии во еврозоната, Германија и Франција, додека во Италија и Шпанија, третата и четвртата економија по големина, производството во фабриките е благо зголемено. Германија, Франција и Италија се заслужни за две третини од вкупното индустриско производство во еврозоната.

На месечно ниво, според податоците со кои располага канцеларијата за статистика, најмногу паднало производството во Романија, од 10,7 проценти. Следат Литванија и Шведска со пад на производството од 6,3 и 3,8 проценти. Производството најмногу пораснало во Португалија, за 6,1 процент, и во Летонија и Естонија, за 2,2 односно за 2 проценти.

На годишно ниво, најизразен пад на производството забележале Ирска и Шведска, за 7,7 проценти, а следат Бугарија и Финска, со пад од 6 и 5,3 проценти. Од друга страна, најголем раст на годишно ниво забележила Литванија, 21,6 проценти, покажуваат податоците на Еуростат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП