26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата дава зелено светло за раст на акцизата, опозицијата и транспортерите се...

Владата дава зелено светло за раст на акцизата, опозицијата и транспортерите се против!

Владата смета дека постои економска оправданост на предлогот на Стопанската комора за зголемување на акцизата на горивата. Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека здравствената криза се одрази негативно врз економиите на државите, а со тоа е и намалена количина на  горива кои се користат. Министерката Ангеловска вели предлогот е на маса, и набрзо ќе се одлучи за него.

„Предлогот е на маса. Веќе подготвуваме предлог уредба. Согласно пресметките и фискалните импликации предлогот е да се зголеми акцизата за 2 денари. Работиме заедно со Царинската управа конкретно на предлогот и ќе излеземе со информација. Но сметам дека ќе го прифатиме предлогот на Стопанската комора“, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

А од Регулаторната комисија за енергетика пак за барањата на Стопанската комора велат дека ја подржуваат иницијативата за изедначување на акцизата на екстра лесното гориво со акцизата на дизелот. Поддршката доаѓа затоа што ниската цена на акцизата на екстра лесното гориво во годините наназад предизвикало многу манипулации  и многу фирми го користеле како дизел гориво, вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

„Тоа од еколошки аспект е многу лошо. Покрај тоа што ќе помогне во собирање на повеќе средства во буџетот, исто така ќе обезбеди и екологија во нашата држава. Во однос на акцизата на бензинот и дизелот, ние немаме увид во тие податоци, и оставаме од владата да одлучи. Инаку факт е дека во изминативе 45 дена цените и за бензините и за дизелот ги намаливме за повеќе од 20 денари. А од друга страна пак потрошувачката и на бензин и на дизел е драматично падната“, вели тој.

За Асоцијацијата на камионски превозници Макам-транс ова барање е неприфатливо. Сметаат дека мерката е несолидарна и нерационална. Макам-транс побара од Владата да не ја прифати предложената мерка, оценувајќи дека таа нема да биде заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат. Транспортерите тврдат дека мерката за зголемување на акцизата на горивата може да предизвика штета на сите микро, мали и средни трговски друштва, како  и на земјоделците.

„Со секоја почит за предлогот на мерки кои се рационални и се однесуваат на сите, но со оваа мерка се надминуваат сите граници на рационалност и солидарност, олигарсите пак сакаат теретот да се префрли на плеќите на сите превозници, но и на сите граѓани на кои драстично се, и ќе бидат намалени примањата од нето платата. Предлагаат мерка која нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат, а тоа може да е иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали, средни трговски друштва и земјоделците“, велат од здружението на транспортери.

Своја реакција за можно зголемување на акцизата на горивата има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нивната пресметка е дека покачувањето на акцизата за два денари ќе значи катастрофално одразување врз стандардот на граѓаните. Тоа ќе значи и директен товар на грбот на граѓаните, кое ќе придонесе за осиромашување за дури 35 милиони евра годишно.

„Илјадници луѓе веќе остануваат без работа, ги отпуштаат компаниите од своите работни места, а никој не презема никаква мерка за да им помогне и да ги избави од целата ситуација. Во моментов сведоци сме како гледаме дека има предлог од страна на владата да се покачи акцизата на нафтените деривати и горивата за два денари. Ова е недопустливо и ова е невидено. Ова е единствената влада во Република Македонија која што во моментов ја имаме, единствената влада  во светот која што наместо да им помага на граѓаните и компаниите во ваква економска криза, дополнително ги осиромашува“, изјави Димче Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, овој предлог дојде од Стопанската комора на Македонија која смета дека со зголемување на два денари на акцизата на горивата ќе се решат дел од проблемите во економијата на Македонија. Пресметките на комората се дека доколку се случи тоа, на месечно ниво во државната каса би се собирале средства по овој основ за 4 милиони евра повеќе од порано. А на годишно ниво таа бројка би надминала  и 46 милиони евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП