28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд денеска аплицирање за бескаматни кредити, најавена економска поддршка и од ЕУ

Од денеска аплицирање за бескаматни кредити, најавена економска поддршка и од ЕУ

Од денеска, микро, малите и средните компании во секторите угостителство, туризам и товарен транспорт може да аплицираат за бескаматните кредити од 3.000 до 30.000 евра, што ги најави Владата.

Повикот беше објавен вчера. Поднесувањето на потребната документација, согласно владините препораки за заштита од коронавирусот, е електронски, на е-адресата: [email protected]

Средствата ќе се пласираат преку Развојната банка на Северна Македонија. За микрофирмите со максимум 10 вработени се предвидени од 3.000 до 5.000 евра, за малите со 10 – 50 вработени од 10.000 до 15.000 евра, а за средните компании со 50 – 250 вработени од 15.000 до 30.000 евра. Каматата е нула проценти, отплатата две години, а грејс периодот изнесува шест месеци.

Првата рата ќе се исплаќа по девет месеци.

Како што соопшти вчера директорот на Развојната банка, Кире Наумов, во оваа прва фаза на финансиска помош се опфатени најпогодените сектори, а целта е да ги надминат проблемите со ликвидноста.

Поддршката со бескаматни кредити ќе продолжи и ќе се прошири на другите сектори кои дополнително ќе се утврдат.

– Развојната банка ќе продолжи со пласирање средства кон комерцијалните банки. Се обидуваме тоа да биде по извонредно ниска, можеби и нула каматна стапка. Останува комерцијалните банки и натаму да покажуваат желба за солидарност како сега и кредитите да бидат многу евтини. Она што може да го направи Владата во овој дел заедно со Развојната банка е средствата што ги пласира преку комерцијалните банки да ги пласира до нив со извонредно ниска камата, подвлече Наумов.

Владата минатата недела на прес-конференција соопшти дека ќе се обезбеди директна финансиска поддршка за задржување на ликвидноста на микро, малите и средните компании и субвенционирање на придонесите за април, мај и јуни, како дел од првиот сет мерки за справување со последиците од коронавирусот. Како што рече тогаш вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, обезбедени се 5,7 милиони евра од Развојната банка кои ќе се наменат за микро, малите и средни компании чија економска активност е погодена од КОВИД-19. Секоја компанија во зависност од бројот на вработени ќе може да добие од 3.000 до 30.000 евра.

Но, ова не е единствената поддршка за стопанството. Изминатиот викенд министерката за финансии Нина Ангеловска најави уште еден пакет мерки, тежок околу 600 милиони евра. Вкупно 400 милиони, како што рече, ќе се обезбедат преку т.н. заем до еврообврзница со рок на доспевање од 12 месеци. Дополнителни 87 милиони евра ќе бидат побарани од ММФ, а за развојни политики од Светска банка се очекуваат 100 милиони евра.

Според првиот човек на Развојната банка, Кире Наумов, Владата не доцни со сетот економски мерки за справување со последиците од коронавирусот.

– Хрватска минатиот петок донесе сет закони и во принцип ниту една од нивните мерки сè уште не е функционална. Во Словенија, соодветната развојна банка по овие принципи ќе почне од 1 април. Србија има објавено една мерка која е далеку од реализација. Сè што слушам и од порзвиените земји е само најава, далеку од реализација, истакна Наумов.

Вчера од евроамбасадорот Самуел Жбогар стигна информација дека земјава може да очекува помош и од ЕУ. На својот твитер-профил тој најави поддршка од 50 милиони евра за социјално и економско закрепнување.

– Сите сме заедно во борбата против злобниот вирус. Во ова време на потреба, ЕУ ќе ја поддржи Северна Македонија: до четири милиони евра за итни потреби, 50 милиони за социјално и економско закрепнување, девет милиони за приватниот сектор и до три милиони евра директна буџетска поддршка, напиша евроамбасадорот Жбогар.

Со предлог сет економски мерки деновиве излегоа и двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП