28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните заглавени по аеродроми ќе се враќаат со хуманитарни летови

Граѓаните заглавени по аеродроми ќе се враќаат со хуманитарни летови

На синоќешната седница на Влада беше разгледана информацијата на Министерството за надворешни работи за бројот на наши државјани кои оваа ситуација ги затекна во други држави. За да им се обезбеди можност да се вратат во земјата, Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски да подготват посебен план за хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.

Владата ја разгледа Информацијата за активностите за справување со затекнатите државјани на Република Северна Македонија во странство, со Предлог – одлука, ја усвои Информацијата и го донесе новиот текст на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови, се наведува во соопштението.

Владата формира работна координативна група, со која да раководи д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата и во состав: Пеце Мирчески, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата и претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски и Министерството за надворешни работи, со цел обезбедување на логистичка поддршка и операционализирање на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните вратени од странство со хуманитарни летови и условите на преземање и транспорт на лицата до објектите во кои ќе бидат сместени овие лица во државен карантин.

Плаќањето на авионската карта за организираниот лет ќе биде на товар на патникот, додека трошоците за сместување, транспорт од аеродром и храна ќе бидат на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.Објектите кои ќе бидат определени за државен карантин да бидат обезбедувани од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (секој кат од објектот, секој влез и излез на објектот и просторот околу објектот).

Периодот во кој овие лица ќе бидат сместени во државен карантин да биде најмалку 15 дена, веднаш по нивното слетување.Лицата кои ќе бидат сместени во државен карантин да бидат по едно до две лица во просторија.Храната за овие лица да се дистрибуира директно до просториите, а хигиената во истите да ја одржуваат сами.

За ова, доколку е потребно, се задолжуваат Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда да подготват предлог – уредба со законска сила во која правно ќе се нормираат овие заклучоци.

Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ќе ги напушти границите на земјава да му даде да потпише лична изјава дека излегува од државата на своја одговорност и дека е запознаен дека поради пандемијата со коронавирусот голем број земји ги затворија границите и дека е отежнато движењето во странство, заради што државните органи на Република Северна Македонија не можат да гарантираат навремена помош за враќање во земјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП