Владата вчера донесе одлука за воведување кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа. Кај четири лица од овие општини е потврден коронавирус, тие се во стабилна состојба и денеска ќе бидат донесени во Скопје и хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со овие четири случаи вкупниот број заболени во државава изнесува 13.
Покрај ова, донесена е одлука да се затвори ски центарот Маврово и граничните премини Џепиште – Требиште и Блато кон Албанија.
Сите пациенти кај кои е потврден вирусот се стабилни, освен пациентката од брачниот пар од Дебар кај кои првично беше потврден вирусот, соопшти вчера на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Таа има дополнителни влошувања на состојбата и е практично на граница за да биде поставена на механичка вентилација. Специјалистите се надеваат дека со цела дополнителна терапија ќе го надмине овој период, но подготвени се и доколку има дополнително влошување да биде поставена на машина за дишење.
Беше тестиран и негативен на коронавирусот е патникот од Германија, кој вчера пристигна на Скопскиот аеродром, државјанин на Република Северна Македонија. Кај него било регистрирана лесно зголемена температура и затоа бил изолиран и бил земен материјал за испитување. Патниците кои седеле во негова близина во авионот, а кои биле задржани во изолација на аеродромот во Скопје, се пуштени дома со препораки за задолжително придржување кон мерките и препораките, кои важат за сите патници кои пристигнуваат во земјата.
На коронавирус вчера попладне биле тестирани уште осум пациенти меѓу кои и една медицинска сестра со индикации на болест од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Сите тестови се негативни на вирусот.
Министерството за надворешни работи, врз основа на официјалните мерки и препораки, вчера преку соопштение упати апел до сите државјани на Република Северна Македонија кои живеат или престојуваат во земјите со висок и среден ризик да го одложат доаѓањето во земјава во овој период.
На листата на земји од висок ризик се наведени Кина, Италија, Иран, Јужна Кореја, Франција, Шпанија и Германија, како и неколку десетини земји од среден ризик меѓу кои се повеќе европски земји, САД, Канада, Јапонија, Швајцарија, Австралија…(Листа на земји од висок, среден и низок ризик можете да најдете тука)
Министерството за надворешни работи соопшти дека продолжува будно да ја следи состојбата со COVID-19 во и вон земјата преку дипломатско – конзуларните претставништва и останува во постојана комуникација и координација со останатите релевантни институции во државата.
Од МНР повторно апелираат и во целост да се почитуваат и следат официјалните владини мерки и препораки (листа на владините мерки и препораки можете да најдете тука).