18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнгеловска: Растот на БДП е сублимат на добри економски и фискални политики

Ангеловска: Растот на БДП е сублимат на добри економски и фискални политики

Растот на БДП е сублимат на добрите економски и фискални политики кои се водат. Фискалната политика која ја водиме како влада е во насока на поддршка на приватниот сектор за развој на неговата конкуретност, преку поддршка на инвестициите во нови технологии, поддршка на извозно ориентираните, поддршка за задржување на квалитетни кадри, како и инвестиции во човечкиот капитал за зголемување на продуктивноста на долг рок, вели министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за локално.мк.

Ангеловска посочува дека растот на бруто домашниот производ во 2019 година кој изнесува 3,6%, е над проекцијата на Министерството за финансии, како и над проекциите на меѓународните финансиски институции.

-Со растот на економијата се создаваат подобри услови за живот во сите сфери. Пред сѐ, поради тоа што минатогодишниот економски резултат е широко базиран и има подобрување во сите сектори и сегменти. Расте градежништво во 2019 за 5,9%, расте трговијата за 4,7%, земјоделството за 3,8%, како и индустријата за 3,1%. Гледано според расходната страна се бележи и раст на домашната побарувачка, со раст на приватната потрошувачка од 3.5% на годишно ниво. Растат и инвестициите – забележаа висок раст во четвртото тримесечје од 11,5% или 6,6% годишно. Значи, секаде има додадена вредност-вели Ангеловска.

Таа посочува дека од исклучителна важност е што овој резултат е постигнат со водење на прудентна политика на јавен долг, односно со стабилизирање на јавниот долг.

Ангеловска вели дека намалувањето на стапката на невработеност е придружена со раст на вработеноста, а воедно и со раст на активното население кое во последниве три години е зголемено за околу 20.000 лица на пазарот на труд.

-Она што е особено позитивно е што кај најмладата возрасна група од 15-24 години, каде има и најголема стапка на невработеност, невработеноста значително е намалена на годишно ниво, за околу 14 процентни поени и сега изнесува 35,1%. Иако, повторно станува збор за висока стапка и работиме да ја намалиме, сепак охрабрувачки е тоа што имаме значајни резултати во пребродување на овој проблем-вели Ангеловска.

Министерката за финансии лоцира дека за намалувањето на стапката на невработеноста и зголемувањето на стапката на вработеноста, влијаат активните мерки за вработување, како и инвестирањето во човечки капитал.

-Намалувањето на невработеноста и растот на бројот на вработените се постигнува преку премостување на јазот на понудата и побарувачката на пазарот на труд. На ова се делува преку инвестиции во човечкиот капитал, во образованието – на долг рок, а преку активните мерки за вработување на среден рок. Годинава се издвоени 1.3 милијарди денари за активни мерки за вработување, што е за два пати повеќе во однос на 2016 година, или трикратно повеќе во однос на 2015 година-вели Ангеловска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП