29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИновативни решенија за современ мебел од 14 македонски дизајнери

Иновативни решенија за современ мебел од 14 македонски дизајнери

257921_komnata_-mebel_-dizain_1920x1080_(www.GdeFon.ru)

Четиринаесет млади дизајнери изработија прототипови на современ македонски мебел на работилница што ја организираше „Јавна соба“ во соработка со фабриката „Фејдом“ и Холандската амбасада и со поддршка на Министерството за култура.

Ментори беа дизајнерите од Македонија и Холандија – Филимена Радоњанин и Питер ван дер Веин. Целта на работилницата е да се добијат иновативни решенија за уникатни примероци мебел, а изработените прототипови да бидат понудени во домашната индустрија и потоа како македонски брендови да се пласираат на светскиот пазар.

Изработените парчиња мебел од работнилницата ќе бидат презентирани на Неделата на дизајн во Скопје (од 1-ви до 6 октомври во Куршумли ан).

Меѓународно жири ќе избере најдобри три кои понатамуќе бидат промовирани пред македонските производители, со цел да влезат во сериско производство.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и холандската амбасадорка Мариет Шурман, кои денеска беа во „Фејдом“ и ги видоа идеите на младите дизајнери, заклучија дека Македонија има креативен потенцијал кој треба да се поттикнува и да се развива.

– Можеме да видиме голем број македонски уметници кои развиваат прототипови на мебел што ќе бидат потпишани со нивно име. Нивните прототипи би можеле да се продаваат, да се откупува идејата која може да влезе во производство.

Тоа е многузначајно, зашто овде видовме прекрасни идеи на македонските уметници. Важно е за нив, како би се развиле како дизајнери во иднина и, пред се, за фирмите кои нив може да ги произведат и тие да се најдат
на пазарот.

Македонија има многукреативци и Министерството за култура ќе работи на нивно поттикнување, изјави министерката Канческа-Милевска.

Посочи дека за таа цел се организираат тематски работилници што се вклопува и во Стратегијата за развој на креативните идустрии и дека наскоро ќе бидат соопштени прифатените проекти од распишаниот конкурс за финансиска поддршка на креативни уметници, на кој пристигнале 200 пријави.

Амбасадорката на Холандија Мариет Шурман истакна дека во нејзината земја креативните индустрии се меѓу првите 10 извозни сектори и очекува дека такво искуство ќе има и Македонија зашто има потенцијал.

– Затоа во соработка со „Јавна соба“ организиравме неколку работилници, досега имаше за дизајн на накит, графички дизајн, како и оваа за мебел.

На овие работилници младите дизајнери можат да поминат низ целиот процес – од првичното истражување, до развој на дизајнот и прототипот и вистинското производство.

Денеска имаме можност да го видиме резултатот на 14 млади дизајнери, да видиме како ја разбираат самата процедура на развој на дизајнот, да ја видиме нивната креативност и, што е најважно, да видиме дека создале производи кои може да се пласираат на пазарот.

Задоволна сум од резултатот и се надевам дека ова ќе биде само првиот чекор во натамошниот развој и дека нaбргу и во продавниците во Холандија и низ Европа ќе може да видиме производи направени во Македонија, истакна Шурман.

Филимена Радоњанин, косопственик на „Фејдом“ и ментор на работилницата, изјави дека креирањето мебел е инспиративно и забавно и дека иновирањето дизајн на мебел е меѓу ретките нешта кои не мора да се увезуваат во Македонија.

– Не ни недостасуваат дизајнери, ресурси ниту производители, туку ни недостасува дисциплината на размислување како сите тие работи да ги поврземе и да ги организираме во една функционална заедница.

Токму затоа работилницата е вистинско место, а главна задача е да им се демонстрира и на дизајнерите и на производителите еден развој – од создавање идеја, преку развој на концепт до создавање финален производ, рече Радоњанин и додаде дека има работа и за дизајнерите и за мебелпроизводителите ако го совладаат овој процес.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП