3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОколу три илјади странци работат во Македонија

Околу три илјади странци работат во Македонија

Во Македонија работат близу 3 илјади странски државјани. Официјалните податоци кои Денар ги доби од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека согласно електронската евиденција, во моментов се евидентирани 2820 странски државјани со регулиран привремен престој по основ на вработување во земјава. 

„Најголем број од нив се турски државјани – 1075 лица , албански државјани – 216 лица, косовски државјани-233 лица и српски државјани – 255 лица, велат од МВР.

Добивањето на работна дозвола во земјава се регулира според Законот за странци. Странските државјани се произнесуваат со согласност за потребата од вработување на конкретни работни места и работни ангажмани, имајќи ги предвид пропишаните критериуми.

Не само Министерството за внатрешни работи, свој удел во процедурата на добивање работна дозвола за дел од странските државјани има и Министерството за економија. Согласно Законот  за регулирање на престојот Министерството за економија издава согласност за регулирање на престој на странски изведувачи кои имаат изведба во угостителски објекти. Пред се тоа се уметници, музичари, танчери и слични професии кои се работат во угостителските објекти.

„ Согласно членот 11 став 6 од Законот за вработување и работа на странци, странските изведувачи, креативните услуги од областа на културата односно услугите кои се извршувааат во угостителските објекти може да ги даваат неколку пати, но најмногу до 30 дена во една календарска година. Претежно странските државјани се од соседните земји: Албанија, Србија, Бугарија, Косово но има и од Украина и Молдавиа“, велат од Министерството за економија.

Лицата кои се одговорни за регистрирање на работата во Агенцијата за вработување се организаторите или клиентите на услугата во местото каде што треба да се даде услугата или доколку работата се изведува на повеќе локации, на локацијата на седиштето на организаторот или клиентот. Изминатата година, од Агенцијата за вработување велат дека се издадени дозволи за различни занимања и позиции, но најбројни се за следните занимања: општ работник, работник за едноставни работи на производствена линија, управител, продавач, готвач, шивач, пекар, економски техничар, администратор.

Од Министерството за економија, велат дека врз основа на доставена документација се издава Согласност, додека Решение  издава Министерство за труд одкако истата ќе се евидентира во Агенција за вработување, додека до МВР се доставува копија од решението за да истите извршат контрола доколку сметаат дека е потребно.

Пред само една недела странските инвеститори во земјава се пожалија дека со месеци чекаат нивни експертски тимови да добијат работна виза за престој во земјава. Од Стопанската комора дури и констатираа дека сме отворена мала економија со многу инвестиции од странство, но за жал сме многу затворени за давање на работни визи. Главниот проблем странските инвеститори го лоцираа во честото одбивање на стручните лица кои доаѓаат од други земји со образложение дека таков кадар во земјава веќе има.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП