28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоветот на НБ го усвои извештајот за извршување на програмата за работа...

Советот на НБ го усвои извештајот за извршување на програмата за работа во 2019 година

Советот на Народната банка денеска одржа редовна седница на која го разгледа и го усвои Извештајот за извршувањето на Програмата за работа на Народната банка во 2019 година. Во Извештајот се истакнати главните принципи врз кои се темели стратешката поставеност на Народната банка: принципите на независност, одговорност, висока професионалност и транспарентност. Воедно, вградени се информации за остварувањето на повеќе редовни и проектни активности во Народната банка, што придонесоа за успешно и ефикасно извршување на законските цели и задачи.

Од Народната банка информираат дека беа спроведени повеќе активности што овозможуваат унапредување на аналитичката инфраструктура на макроекономските проекции, како и на оперативното спроведување на монетарната политика. Воедно, во Народната банка се работеше и на повеќе истражувања на актуелни теми од областа на макроекономијата и финансиската стабилност.

Особено внимание им беше посветено на активностите насочени кон продлабочување на соработката меѓу финансиските регулатори, заради воспоставување на макропрудентната рамка. Исто така, се презедоа активности за унапредување на системските анализи како поддршка на политиките за одржување на финансиската стабилност, преку проширување на показателите со кои се следат ризиците во банкарскиот систем, како и со пофреквентно следење и на движењата кај останатите финансиски институции.

Од особено значење е пристапувањето на нашата земја кон највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци – стандардот на ММФ,СДДС плус, со што станавме осумнаесеттата земја во светот којашто го исполнува овој стандард. На тој начин, се потврди квалитетот на нашиот статистички систем, стои во соопштението.

Во доменот на централнобанкарската статистика, значаен проект беше и воспоставувањето на новиот статистички веб-портал „НБСтат“ со поддршка од Европската Унија. Со тоа, и кај нас беше поставена современа статистичка алатка преку која на едноставен, брз и детален начин се дисеминираат статистичките податоци до корисниците. Преку НБСтат се отвори поголем простор за анализа на податоците, во согласност со корисничките потреби, со што се поттикнува и развојот на истражувачката активност. Покрај тоа, се воведоа и нови податоци во сферата на платежната статистика, од доменот на картичното работење.

Со измени во подзаконската регулативата, се либерализира отворањето и поседувањето кориснички сметки кај електронските сервиси за платежни трансакции („Пејпал“, „Пајонир“, „Скрил“ и сл.), при што се овозможи користење на овие сметки исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и/или за продавање стоки и услуги по електронски пат. На тој начин, се создаде простор и за поголема промоција и поддршка на електронската трговија и се создадоа услови стоките и услугите што ги нудат нашите резиденти, преку електронската трговија да бидат подостапни на меѓународниот пазар.

Следејќи ги трендовите што произлегуваат од иницијативите што ги преземаат финансиските регулатори во рамките на Европската Унија, Народната банка ја отвори Портата за иновации, како платформа за комуникација со финтек-секторот, заради поттикнување на развојот на иновации во областа на финансиските услуги и производи. Сите компании коишто развиваат или применуваат иновации во финансиската сфера и притоа користат нови технологии, преку оваа платформа веќе можат директно и непосредно да ѝ се обратат на Народната банка за сите прашања, дилеми и предлози коишто се поврзани со регулативата што го засега финтек-секторот. Притоа, Народната банка постојано ја разгледува потребата за евентуална промена на регулативата и за намалување на регулаторните ограничувања за влез на нови иновативни бизнис-решенија, односно проекти, без да се наруши интегритетот на финансискиот сектор и без прекумерно преземање ризици.

За унапредување на платежната инфраструктура, наведуваат дека Народната банка, во соработка со Министерството за финансии, активно работеше на нова регулатива во сферата на платежните услуги и платните системи, којашто во голем дел ќе биде усогласена со законодавството на Европската Унија и со стандардите и правилата за извршување на плаќањата во европските земји. Се очекува дека регулативата, којашто опфаќа нов Закон за платежни услуги и платни системи и соодветни подзаконски акти, на среден рок, во текот на следните неколку години ќе придонесе за јакнење на пазарниот механизам и засилување на конкуренцијата и обемот на понудата во обезбедувањето на платежните услуги. Истовремено, новата регулатива понатаму би овозможила и повеќе механизми за институционална заштита на потрошувачите.

Заради заштитата на потрошувачите, беа остварени и измени во подзаконската регулатива за поголема заштита на потрошувачите, преку поконкретно дефинирање на опфатот на годишната стапка на вкупните трошоци на потрошувачките кредити.

Се засилија активностите во сферата на финансиската едукација. Притоа, беше склучен нов Меморандум за соработка во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија меѓу финансиските регулатори, при што првпат се почна со активностите за поголема финансиска инклузија. Истовремено, покрај објавувањето едукативни публикации, Народната банка започна со објавување и серијал едукативни текстови и видеоматеријали, наменети за сите старосни групи од населението, преку коишто на едноставен јазик и со визуализација се објаснуваат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството. Во рамки на Деновите на финансиската писменост, Народната банка за првпат упати јавен повик до сите заинтересирани граѓани за присуство на едукативни презентации на различни теми од областа на централнобанкарското работење, којшто наиде на голем интерес. Дополнителна потврда за вложувањето на Народната банка во финансиската едукација на населението е и тоа што таа беше домаќин на Петтиот состанок на Регионалната работна група за финансиска едукација на Југоисточна Европа.

Ø Посветено се работеше на унапредувањето и развивањето на соработката со релевантните домашни и меѓународни институции, заради натамошно етаблирање на Народната банка во меѓународната финансиска и централнобанкарска заедница. Меѓу другото, во соработка со Министерството за финансии, успешно се одржа Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка во Скопје, со што се потврди подготвеноста за организирање настани на високо експертско ниво на коишто се разгледуваат клучни прашања и теми за европската и глобалната економија.

Особено значајно е и започнувањето на твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки“. Со него се предвидува поддршка на Народната банка во натамошното усогласување на правилата, регулативата, политиките и работењето со стандардите на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), како и со најдобрите меѓународни практики.

За унапредување на корпоративното управување, во Народната банка е воспоставена Канцеларија за стратегија и превенција. На тој начин, согласно со меѓународните практики и стандарди за корпоративно управување се примени моделот на три нивоа на заштита од ризиците.

Широкиот опфат на редовните и проектните активности што успешно се спроведени минатата година, како што беше истакнато на седницата, овозможуваат понатамошно зајакнување на институционалниот и професионалниот капацитет на Народната банка.

Советот ги одобри Годишната сметка и финансиските извештаи на Народната банка за 2019 година. Согласно со мислењето на независниот ревизор, коешто беше презентирано на седницата, финансиските извештаи ја прикажуваат објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Народната банка на 31 декември 2019 година, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што тогаш завршува во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП