23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕБОР ќе финансира станбени кредити и еколошки инвестиции во згради во земјава

ЕБОР ќе финансира станбени кредити и еколошки инвестиции во згради во земјава

Вкупната сума на кредитирањето на ЕБОР изнесува 5 милиони евра за Шпаркасе банка Македонија, наменети за поддршка на кредитирањето на домаќинствата заедно со мерки за енергетска ефикасност.

Кредитот во износ од 2 милиони евра од ЕБОР за Шпаркасе Банка Македонија, ќе ги поддржи инвестициите во еколошки технологии со високи перформанси, наменети за зградите во приватна сопственост, вклучувајќи и објекти за домување во Северна Македонија.

Шпаркасе Банка Македонија ќе ги пласира средствата на физички лица-корисници на кредитите кои планираат да инвестираат во технологии, материјали и решенија за подобрување на енергетската ефикасност. Финансирањето на ЕБОР е преку Програмата за финансирање на зелена економија (Green Economy Financing Facility – GEFF).

Зградите во Северна Македонија имаат итна потреба од реновирање и воведување на изолација, со што се очекува да ги намалат трошоците и да се подобри удобноста на живеење. Ова е трета кредитна линија преку GEFF за Шпаркасе Банка Македонија, со која се задоволува растечката побарувачка за овој финансиски продукт.

Дополнително на ова, ЕБОР одобри €3 милиони од кредитната линија за хипотекарни кредити на Шпаркасе Банка Македонија, за натамошно приватно кредитирање на потребите на домаќинствата. Ова е вториот хипотекарен кредит на ЕБОР кон оваа банка. Првиот беше потпишан во 2017 година и беше целосно пласиран на пазарот во земјата. Финансирањето на хипотеките, во комбинација со кредитот за подобрување на заштедите на енергија кај домаќинствата, ќе помогне во проширување на кредитирањето во резиденцијалниот сектор.

GEFF во Северна Македонија е дел од Програмата за Западен Балкан (Green Economy Financing Facility – GEFF) во износ од €85 милиони, одобрена во 2017 година, како заедничка иницијатива на Европската Унија (ЕУ), Австриското Федерално Министерство за Финансии и земјите кориснички на средствата од Инвестициска програма за поддршка на Западен Балкан ( Western Balkans Investment Framework – WBIF).

Иницијативата работи под покровителство на Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан (Regional Energy Efficiency Programme for the Western Balkans – REEP Plus), финансирана од ЕУ, и имплементирана во партнерство со Европскиот Секретаријат за енергетика. Со оваа програма се обезбедува поддршка на политиките за хармонизација на законодавството и регулативите на енергетската ефикасност кај зградите на домување во земјата, со релевантните европски директиви.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија и до денес има инвестирано над €2 милијарди во 129 проекти во земјата. Поддршката на зелената енергија е приоритет за ЕБОР, бидејќи се справува со еден од најважните предизвици во земјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП