19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Виена има повеќе корисници на годишни билети за јавен превоз отколку...

Во Виена има повеќе корисници на годишни билети за јавен превоз отколку автомобили

Годишниот билет за превоз во Виена чини 365 евра и е попопуларен од кога и да било, бидејќи сега дури 852.000 виенски граѓани го поседуваат, што е зголемување за повеќе од 30.000 за само една година. Така, веќе четврта година во Виена има повеќе корисници на годишни билети отколку регистрирани автомобили.

„Задоволни сме од овие позитивни случувања, системите за јавен превоз кои толку добро функционираат се клучен придонес за заштитата на климата во нашиот град. Секој кој се одлучува за карта во јавен превоз, а не за автомобил, заштедува 1,5 тони CO2 штетен за климата“, изјави членката на градската влада за јавен превоз, Ули Сима.

Граѓаните низ Виена се превезуваат со 129 автобуси, 28 трамваи и пет метро линии. Јавниот превоз е брз, сигурен и еколошки прифатлив, а дневно надминува рута од вкупно 1.150 километри. Патниците се возат до најоддалечените делови на Виена и тоа по многу ниска цена: годишниот билет изнесува само едно евро на ден, што во однос на другите метрополи е најевтина понуда.

Во Берлин, патниците плаќаат годишен билет од 882 евра, во Хамбург 1.988 евра, а во Лондон околу 4.000 фунти.

Со цел јавниот превоз и во иднина да остане привлечен за патниците, виенското јавно претпријатие Wiener Linien, следната година ќе инвестира 368 милиони евра во продолжување на понудата и мерките за заштита на животната средина.

Според податоците од 2019 година, во Виена живеат 1.897.491 жители, што значи дека од нив скоро 45 проценти купиле годишен билет.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП