28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо отворање подружница на Кооперативна банка во Струмица ќе се подобрува македонско-бугарската...

Со отворање подружница на Кооперативна банка во Струмица ќе се подобрува македонско-бугарската стопанска соработка

koperativna

Отворање прва подружница на Централна кооперативна банка во Струмица и нејзино директно вклучување во искористувањето на средствата од ИПАРД програмата за пограничен развој на Македонија и Бугарија, е заклучок од денешниот работен состанок на претставниците на Македонско-Бугарската стопанска комора со стопанствениците од струмичко.

На состанок, што се одржа во Струмица во присуство на бугарскиот амбасадор Иван Петков и градоначалникот на Струмица Зоран Заев, а на кој главна тема беше можноста за развој на стопанската соработка на двете комори и вклучување на  струмичкиот регион, како пограничен, беше нагласена потребата од банкарска подршка за целосна реализација на веќе воспоставените и идните соработки на стопанствениците од двете земји.

Поздравувајќи го денешниот состанок, амбасадорот Петков ја истакна потребата од подигање на стопанската соработка на повисоко ниво.

– Кога дојдов пред една година во Скопје трговска размена меѓу  Македонија и Бугарија беше една милјарда долари. Јас си поставив за задача таа да се дуплира. Во тоа секако своја улога и помош имаат токму стопанските комори и приватните стопанственици. Јас можам да бидам задоволен од ваквата иницијатива и се надевам на успех, изјави  амбасадоорот Петков.

Според претседателот на Македонско-Бугарската стопанска комора Заре Темелковски, од денешниот состанок произлезе конкретниот предлог  во блиска иднина да се отвори подружница на Централна кооперативна банка во Струмица.

– Во првиот проект е Централната кооперативна банка која има свој конкретен проект за финансирање на земјоделието, од поединецот до компаниите. За да можеше да протече тој капитал и таа идеја, се обративме до градоначалникот Заев, бидејќи знаеше дека сме оперативни и конкретни, брзо бевме прифатени. ИПАРД програмата тешко се спроведува до крајниот потрошувач затоа што нема функција во банкарскиот систем. Во општината има формирано одделение за привлекување, и фалеше овој капитал. Од таа причина, Прва кооперативна банка овде ќе отвори експозитура, и овие пари ќе бидат достапни во регионот, рече Темелковски.

Надеж за уште поголема и поплодна соработка по денешниот состанок на двете стопански комори искажа и градоначалникот Заев.

– Генерално и досега Македонија и Бугарија имаат добра стопанска соработка, но не е постигнат максималниот дострел. Има уште можности и неискористени потенцијали во соработката на двата бизнис сектори. Искористување на средствата од ИПАРД програмите ќе значи воведување на живот и нов импулс во развојот на двете соседни економии, нагласи Заев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП