25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоставени стандардите за енергетска ефикасност на објектите

Поставени стандардите за енергетска ефикасност на објектите

ener1

Со правилниците за енергетски карактеристики на згради и за енергетска контрола објавени на 4 јули по направените измените во Законот за енергетика, Република Македонија ја постави основата за воведување стандарди во делот на потрошувачка на енергија во објектите. На овој начин се приближува кон остварување на целите за енергетска заштеда на национално ниво и рамноправно со земјите од Европската унија ќе има исти стандарди кои се дел од директивите на ЕУ.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, Лазар Гечевски, кој рече дека согласно Правилникот за енергетски контролори, ќе спроведат активности како што се објавување повик за избор на правни лица за спроведување обуки и полагање испити за енергетски контролори, како и обуки за нивно усовршување според претходно дефинирана програма од Агенцијата, издавање, продолжување и одземање решение за овластување за енергетски контролори и водење регистар за издадени, одземени и признаени овластувања за енергетски контролори.

– Енергетска контрола на објект може да извршува правно лице кое има вработено најмалку двајца овластени енергетски контролори. Со решение за овластување на енергетски контролор може да се стекне секое физичко лице кое треба да има најмалку ВСС од техничка насока, најмалку пет години работно искуство во струката; положен стручен испит за енергетски контролор, потенцира Гечевски.

Правилникот за енергетски карактеристики на згради, појасни тој, ги промовира подобрувањата на енергетските карактеристики на зградите и се однесува на нови градби или градби кои ќе подлежат на значителна реконструкција, а се опфатени едносемејни или повеќесемејни згради за домување (до два стана), станбени, административни и комерцијални згради, хотели и ресторани, згради во образовниот и здравствениот сектор, згради за спортски и културно-уметнички активности итн.

– Означувањето на зградите и градежните единици во поглед на нивните енергетски карактеристики вклучува одредување на енергетската класа на зградата, односно градежната единица и изработка на сертификат за енергетските карактеристики. Сертификат за енергетски карактеристики се издава за сите нови згради и градежни единици, како и зградите и градежните единици кои се предмет на значителна реконструкција, згради и градежни единици кои се продаваат или издаваат под закуп итн., рече Гечевски.

Правилниците не се однесуваат само за новите градби, туку и за старите.

Одговарајќи на новинарско прашање укажа дека до крајот на годинава очекува дека ќе ги има првите енергетски контролори.

– Ќе имаме оглас за сите критериуми кои се исполнети на оние кои сакаат да станат енергетски контролори и тогаш почнува менаџирање на истите, одење на лице место, поставување налепници со енергетска класа А, А+ и А++. Во делот на казнената одредба дефинициите што значи пресија, казнена политика ќе бидат дополнително третирани. Секој кој ќе ги донесе чинителите во заблуда ќе му биде одземено решението кое сме го издале, истакна Гечевски.

Во врска со тоа колку на годишно ниво ќе се штеди енергија со тие згради, посочи дека тоа ќе биде од 20 до 25 отсто.

– Ако ги користат и електричните производи кои имаат енергетска класа А+ и А++ заштедата на енергија може да стигне и до 40 проценти. Нема да вршиме пресија некој присилно да донесе некаков стандард ако нема финансиски можности тоа да го направи. Старите згради според можноста какви средства имаат самостојно ќе одлучат дали ќе стават енергетска класа. Обврската е на сопственикот, додаде Гечевски.

Еко-материјалите, нагласи тој, кои ќе бидат вградувани во континуитет во новото градење или на пазарот се поевтини или веќе серискиот производ овозможува да падне цената на чинење.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека што побрзо сакаат да создадат квалитетни правни лица и оти почнале да бараат едукатори, фирми кои ќе едуцираат, т.н. тренери кои ќе бидат наставен кадар за создавање на енергетски контролори.

– Очекуваме сите овие постапки реално да ги завршиме во септември, првите контролори да бидат едуцирани септември, октомври затоа што тие треба да поминат 60 до 80 часа едукација за оваа проблематика. Кога сето тоа ќе го слушнат треба да го применат, ќе изготвиме прашања на кои ќе одговараат. Кога ќе ги завршат формалностите Агенцијата го издава тој сертификат дека тие се енергетски контолори, додаде Гечевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП