19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈапонска награда за предлог-истражување за родовата еднаквост во платите во Македонија

Јапонска награда за предлог-истражување за родовата еднаквост во платите во Македонија

amerikan1

Професори од Универзитетот Американ колеџ-Скопје добија втора награда од Глобалната мрежа за развој и Владата на Јапонија – Јапонска награда за исклучително истражување за развој – за предлог-проектното истражување „ЕдПлаКо-Мк: Алатка за поголема родова еднаквост во платите во Македонија“, чија цел е да влијае на политиката за плати во македонските компании.

Наградата им беше врачена на 14. Глобална развојна конференција која од 17-ти до 21 јуни се одржа во Манила, Филипини, во Азиската равојна банка.

Тимот е предводен од проф. Марјан Петрески, кој денеска на прес-конференција соопшти дека проектот ќе се спроведува во наредните две години. Очекуваат тој да придонесе за поголема рамноправност во платите меѓу мажите и жените во Македонија, со тоа што ќе промовира компании кои се родово неутрални во однос на системот на плаќање на вработените.

– Овој проект беше избран во конкуренција од 714 поднесоци од целиот свет и е во категоријата на предлог-истражувања, што значи дека проектот допрва ќе се спроведува, во следните две години. Наградата финансиски е поддржана од Владата на Јапонија и оттука е нејзиното име, рече Петрески.

Никица Мојсоска-Блажевски, која заедно со Благица Петрески од Асоцијацијата за економско истражување е дел од тимот, појасни дека во првата фаза од спроведувањето на проектот ќе се истражува јазот, т.е. колкава е разликата во платите меѓу маж и жена во Македонија со еднакви карактеристики (исто образование, работно искуство и ист сектор во кој работат). Во следната фаза ќе се креира веб-страница во која вработениот во една компанија ќе може да провери дали прима фер плата од работодавецот во однос на другите работници и во однос на спротивниот пол.

– Сакаме да ги поттикнеме работодавачите да развијат свест за исплаќање фер плати, така што во последната фаза ќе доделуваме логоа, или бренд, кој ќе значи дека работадавачот исплаќа фер плата од аспект на родовите. Фирмите ќе аплицираат, ќе се проверува нивната политика на плати, дали е таа фер во однос на двата пола и одредени работодавачи ќе добијат такво лого. Сметаме дека ќе ја развиеме свеста и дека сите компании кои сакаат да бидат препознати како корпоративно и социјално одговорни ќе бидат заинтересирани да бидат дел од овој проект, истакна Мојсоска-Блажевски.

За ова предлог-истражување тие биле поттикнати од резултатите од претходното истражување од 2011 година, според кое жените земаат 17 проценти  пониска плата од мажите со исто образование, возраст и работно искуство. – Карактеристично за Македонија, кое ние го нарекуваме и феномен на Балканот, е тоа што доколку мажот и жената имаат целосно исти карактеристики, тој јаз е поголем отколку т.н. неприлагоден јаз. Во другите земји е обратно, доколку се земат во предвид карактеристите на мажите и жените, тој јаз се намалува, додаде Мојсоска-Блажевски.

Глобалната мрежа за развој работи во економско-социјална и финансиска сфера со истражувачи од земјите во развој. Покрај категоријата за предлог-истражувања, се доделуваат награди уште во две категории – за завршен проект во сферата на економскиот развој, кој имал импакт врз општественото и економското живеење, и категорија за истражувачки труд во која се доделуваат медали.

Во категоријата во која македонскиот тим доби втора награда, првонаградено од Владата на Јапонија е предлог-истражување од Еквадор и се однесува на социјална заштита на куќните помошнички во таа земја, а третата награда ја освои тим од Индија кој конкурирал со предлог-истражување за индекс за човеков развој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП