26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Британија децата си легнуваат со телефон во рака, 42 отсто не...

Во Британија децата си легнуваат со телефон во рака, 42 отсто не можат да го остават ни за миг

Повеќе од половина од децата признале дека заспиваат со мобилен телефон во рака, покажува годишното истражување за употреба на модерната технологија кај младите.

Во извештајот „Childwise report“ се утврдува дека децата во се порана возраст добиваат мобилни телефони, а сега повеќето имаат свој телефон уште на возраст од седум години, пренесува Би-би-си.

Просечното време кое децата на возраст меѓу седум и 16 години го минуваат на телефон дневно е три часа и 20 минути.

Научникот Сајмон Легет вели дека мобилните телефони може да завладеат со животот на децата.

Со оглед на тоа што телефоните се толку често при рака како „приватна и лична технологија“, Легет вели дека тоа може да биде пречка за родителите кај децата да го ограничат нивното користење.

Истражувањето опфатило 2.200 деца во Велика Британија на возраст меѓу пет и 16 години и покажало колкава е всушност улогата на мобилните телефони во животот на младите.

Така, 57% рекле дека постојано ги чуваат своите мобилни телефони покрај креветот, а 44% одговориле дека се чувствуваат многу мачно во периодите без интернет сигнал.

Од нив, 42 проценти рекле дека никогаш не се тргнуваат од мобилниот телефон и никогаш не го исклучуваат.

Иако децата добиваат телефон на се помлада возраст, 11 години е просечниот период од животот кога го имаат скоро сите.

Телефоните на повеќе од 70 отсто од децата се поврзани на интернет.

Мобилните телефони се исто така најчестиот извор преку кој децата доаѓаат на интернет, без оглед дали го користат за разговор, гледање забавни содржини или добивање информации.

Младите слушаат музика на своите мобилни телефони многу почесто отколку на радио.

Платформата „Јутјуб“ останува доминантен извор за информации и забава на младите, а на истата дневно пристапуваат 61% од децата кои учествувале во испитувањето.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП