25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнвестициските фондови во земјава располагале со вкупен имот од 104 милиони евра

Инвестициските фондови во земјава располагале со вкупен имот од 104 милиони евра

Македонците се повеќе пари наместо на штедна книшка во банка, инвестираат во инвестициски фондови во земјава.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2018 година вкупниот имот на инвестициските фондови достигнал речиси 104 милиони евра, што е за околу 16 милиони евра повеќе од претходната 2017 година. Друштвата за управување со фондови пак потенцираат дека 2019 година била уште подобра од претходната, односно средствата под управување во фондовите пораснале за 50% во однос на 2018 година. Поради зголемената доверба кај граѓаните и поради ниските камати за штедење во банка, очекуваат уште подобри резултати годинава.

„ Сите наши параметри укажуваат на позитивни услови за понатамошен раст на активностите. Средствата под управување во фондовите бележат пораст од 50% во однос на состојбата од 2018 година, што е показател дека значајно се зголемува довербата во инвестициските фондови и довербата во нашата институција. И се разбира, расте и потребата од вакви производи во овој контекст на ниски каматни стапки, особено што на самиот почеток на годинава, НБРМ ја намали стапката и за прв пат во историјата, референтната каматна стапка е 2%. Најголем дел се реализирани на македонскиот пазар, но кај клиентите расте довербата и во вложувања во светски познати компании“, вели главниот извршен директор на Илирика фунд менаџмент Коста Костадиновски.

Податоците пак на Народната банка покажуваат дека од речиси 104 милиони евра вкупен имот на инвестициските фондови во земјава во 2018 година, најголем дел речиси 52 милиони евра се депозити, 20 милиони евра се должнички хартии од вредност, 29,4 милиони евра сопственички финансиски инструменти, 1,4 милиони евра се парични средства и 720.000 евра друг имот.

Првите инвестициски фондови во земјава се отворија во 2007 година. Во развиените пазарни економии, тие имаат значајна улога на пазарот на капитал.

Инвестициските фондои се финансиски организации, кои што парите прибрани од  индивидуалните инвеститори – граѓани, компании, ги инвестираат во краткорочни и долгорочни инвестиции, а за вложените средства инвеститорите добиваат акции од фондот или, пак, удели од финансиската актива на фондот.

Прибраните пари фондовите ги пласираат на домашниот или меѓународниот пазар на капитал. Вложувајќи во различни видови хартии од вредност и од различни земји инвестициските фондови вршат диверзификација на ризикот на вложените средства.

Интересно е што инвестициските фондови им овозможуваат на македонските инвеститори индиректно да купуваат хартии од вредност и од странските компании. Со тоа се обезбедува учество и можност за тргување на инвестициските фондови на странските берзи. Тоа значи дека со удел во некој акциски фонд, индиректно инвеститорот вложува во акции на Google, Apple, Coca Cola, BMW, Samsung.

 

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП