2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКарпош поскап и од Центар по месечна закупнина за стан, најевтина е...

Карпош поскап и од Центар по месечна закупнина за стан, најевтина е Струмица

Најскапа  месечна кирија за стан се плаќа во скопски Карпош, каде што просечната цена во третиот квартал лани достигнала 294 денари по метар квадратен. Со ова  Карпош стана најскапата општина во земјава за изнајмување на станови, ја „претрка“ и скопската општина Центар која е втора на листата со просечна месеча закупнина од 273 денари за метар квадратен, иако претходниот кваратал водеше Ценар со рекордни 311 денари, а Карпош беше втор со 231 денари за еден квадрат стан.

Математиката покажува дека за просечни 50 метри квадратни стан во Карпош, граѓаните во третиот квартал лани требало да платат за закупнина 14.700 денари или 239 евра, додека за истата квадратура во Центар 13.600 денари или 222 евра, што е за 17 евра помалку од истиот стан во Карпош.

Ако се пресметаат цените пак само еден квартал претходно, за периодот од април до крајот на јуни лани, за истиот стан во Карпош граѓаните ќе платеа 11.550 денари или 188 евра, што е за дури 51 евро помалку. Додека истиот стан во Центар ќе ги чинел поскапо или 15.500 денари или 252 евра, што е за 30 евра повеќе од наредните три месеcи заклучно со септември 2019 година.

Кириите во градовите во земјава варираат, а податоците покажуваат дека најефтина закупнина за метар квадратен во третиот квартал лани имало во Струмица каде изнесувала 60 денари за метар квадратен. Па така стан од 50 квадрати во Струмица во просек се изнајмувал за неверојатни 3.000 денари или околу 50 евра месечно.

Податоците за закупнините на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат варијации на цените за месечна закупнина во градовите низ земјава, но во однос на период од пред три години, има значителен раст на месечните кирии за граѓаните кои изнајмиле стан под закуп.

Во вториот квартал од 2016 година, најскап квадрат за изнајмување имал Охрид, со 261 денар за метар квадратен, а втор Центар со 256 денари. Цената во Охрид, барем според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности драстично опаднала, за во третиот кваратал лани да достигне само 96 денари за квадрат. Или пресметано во 50 квадрати стан, за изнајмување на истиот во вториот квартал од 2016 година требало да се платат 13.050 денари или 212 евра, а во третиот квартал лани само 4.800 денари или 78 евра, или 134 евра помалку.

Под наем биле 32.000 квадрати во станови, платени 116.000 евра за кирии

Најголем број закупи во третиот квартал лани се регистрирани во општина Центар 237, во општина Карпош 122, општина Аеродром 110 и општина Битола 81.

На другата страна се општините Старо Нагоричане, Студеничани, Желино, Зелениково, Росоман, Македонска Каменица, Лозово, Новаци и Центар Жупа каде нема регистрирано ниеден договор за закуп на недвижности. А има 13 општини каде што има регистрирано само по 1 закуп, како и 8 општини со по 2 закупи во овој период.

Во овој период биле  закупени недвижности со површина од 1.436.137 метри квадратни со вкупна месечна закупнина од 37.075.672 денари, односно 602.856 евра. Најмногу е закупено земјоделско земјиште, додека најголема цена на месечна закупнина имаат достигнато деловните простори.

Во станови пак биле закупени 32.397 квадрати, за кој закупците пак платиле вкупно 116.248 евра закупнина.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП